Table of Contents
„Безрезервната поддршка е клучна“ – изјави нашата стрелачка
Стрелачката Анастасија Мојсовска е повеќекратна шампионка во Македонија и рекордерка во нашата земја, со одлични резултати на меѓународни натпревари. На последниот Светски куп во Минхен, таа постави нов државен рекорд и висок светски резултат од 628,8 кругови, што ѝ обезбеди покана на Летните олимписки игри во Париз. Таа се натпреваруваше во дисциплината воздушна пушка со 60 истрели и постигна солидни резултати. Дознајте која е тајната на нејзините спортски успеси, што ја мотивира и како ги надминува тешките периоди…
Стрелаштвото изискува исклучителна концентрација, прецизност и стабилност. Како се определи токму за овој спорт?
Отсекогаш сум го сакала спортот, па со години експериментирав со различни спортови додека се пронајдов себеси во стрелаштвото. Генерално, кога ќе кажам дека се занимавам со спортско стрелаштво, луѓето се фасцинираат. Иако звучи нетипично, кај нас, па и во светски рамки, жените се побројни од мажите во овој спорт.
На кои твои досегашни достигнувања би можела да кажеш дека си најгорда?
Во 2021 година го освоив мојот прв голем медал на јуниорскиот куп во Смедерево, Србија, а би го издвоила и моментот кога првпат стигнав до финалето на купот во Осијек, Хрватска, што беше огромен успех за мене. Можам да го споменам и освоеното второ место во Софија, Бугарија, но ништо не се мери со успехот да ја претставувам мојата земја на шест европски и седум светски првенства и купови. На Медитеранските игри во Алжир освоив 14. место во 2022 година, а постигнав одличен резултат и на Европските игри во Полска во 2023. На последниот Светски куп во Минхен, Германија оваа година, испукав одличен резултат од 628,8 кругови кој е личен и државен рекорд, како и висок светски резултат – најдобар во историјата на македонското стрелаштво во дисциплината воздушна пушка жени. Така се најдов себеси на светските ранг-листи и олимписката ранг-листа. Покрај сето ова, мојата најголема гордост е тоа што оваа година имав можност да ја претставувам Македонија на Олимписките игри во Париз.
Поврзани објави
Како се подготвуваш пред важни натпревари? Имаш ли некои ритуали за среќа?
Планот за тренинзи го добивам од мојот тренер Јордан Тасевски, кој се грижи за одржувањето и подобрувањето на мојата спортска форма, а тренираме методолошки со точно дозирани тренинзи. Немам некој посебен ритуал што ми носи среќа. Пред натпревар сакам да сум сама, да ги разбистрам мислите и да се фокусирам, за да го дадам најдоброто од себе.
Кој момент од твојата досегашна спортска кариера ти претставувал најголем предизвик?
Со најголемиот предизвик се соочив веднаш на почетокот на мојата спортска кариера кога поради несогласувања со тренерот и раководството во клубот каде што започнав со спортско стрелаштво, бев принудена да паузирам една година. Тој период ми беше многу тежок, но благодарение на поддршката од моите родители, семејството и мојот сегашен тренер Јордан Тасевски, кој го препозна мојот потенцијал и ме зеде под своја закрила, продолжив да тренирам во стрелачкиот клуб „Стрелец“ каде што сум и денес. Надминувањето на предизвиците е возможно само со верба во себе и во патот што сме го одбрале. Секако, есенцијална е и безрезервната поддршка од најблиските. Мајка ми, татко ми и сестра ми секогаш ме мотивираат да продолжам напред, како и мојот партнер и физиотерапевт, кој секогаш е тука кога ми треба рамо за плачење.
Кои особини и вештини се клучни за успех во светот на спортот?
За да се успее во спортот, потребни се напорна работа, целосна посветеност, пожртвуваност, како и многу трпение, бидејќи сиот труд што го вложуваме ќе се исплати, но во свое време.
Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА