Посетата на Орбан доаѓа по цели 11 години, кога во 2013 година исто така дојде во Охрид, каде имаше средба со тогашниот премиер Никола Груевски -Имав плодна и пријателска средба со унгарскиот колега Виктор Орбан. Историјата сведочи за нашиот заеднички стремеж кон мир, просперитет и соработка, напиша на својот профил на Фејсбук премиерот Христијан Мицкоски по тет-а-тет средбата со унгарскиот премиер кој синоќа пристигна во Охрид.
„Унгарија во минатото беше еден од првите наши партнери кој ги препозна македонските стремежи за независност и суверенитет. Со години наназад, политичките и економските врски меѓу нашите држави се продлабочуваат, а денешните средби само го потврдуваат нашето стратешко сојузништво. Унгарија не е само наш партнер во европската сцена, туку и пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција“, напиша Мицкоски.
Во Охрид, во хотелот „Инекс Олгица“ во моментов се одржува заедничката меѓувладина седница на македонската и унгарската влада. Македонските министри утрово имале билатерални средби со ресорните колеги од унгарската делегација, а унгарската владина делегација имаше и прошетка низ Охрид. Унгарија во моментов претседава со ЕУ, а Орбан во втората половина од годинава е и претседател на Советот на Европската Унија.
Посетата доаѓа токму по завчерашната едногласна одлука на амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија, патот на Албанија за пристапување во ЕУ ќе биде одвоен од Северна Македонија, со што земјава остана во ќорсокак во однос на пристапните преговори. Втора клучна работа е заемот од унгарската Експорт – импорт банка во износ од 500 милиони евра, првата работа што Мицкоски ја направи како премиер. Заемот ќе се повлече во една транша, рокот за отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од три години, каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти.
Македонија ќе ѝ плаќа на Унгарската експорт – импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност провизија за неповлечени средства во висина од 0,5 проценти од заемот на годишно ниво. Лидерот на СДСМ Венко Филипче вчера ја нарече ситуацијата „иронична“ и додаде дека Орбан доаѓа во земјава само поради унгарскиот кредит. „Каква иронична ситуација, да дојде да не посети претседавачот со Европската Унија на денот кога нашиот премиер Христијан Мицкоски кажува дека не продолжуваме со преговори со ЕУ“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче во „Само интервју“ на Канал 5.
„Сега единствено нешто за што ќе зборуваат Орбан и Мицкоски се зделки во однос на кредитот. Политички нема што да се зборува“ додаде тој. Според него, кредитот од Унгарија е испреговаран нетранспарентно и додека ВМРО-ДПМНЕ беше се уште во опозиција.
Филипче презентираше документ, според кој, како што рече, претходната влада веќе преговарала за заем од Светска банка по многу поповолни услови за разлика од каматната стапка на кредитот што владата на премиерот Мицкоски го договорил со Унгарија и Орбан. Посетата на Орбан доаѓа по цели 11 години, кога во 2013 година исто така дојде во Охрид, каде имаше средба со тогашниот премиер Никола Груевски.
Пишува: Мери Јордановска, МЕТА.МК