Возачките дозволи издадени во Македонија ќе бидат признаени во Обединетите Арапски Емирати, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој е во неколкудневна посета во ОАЕ.
Министерот Тошковски се сретна со министерот за внатрешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Саиф бин Зајед ал Нахјан, по што биле потпишани два меморандуми за разбирање за безбедносна соработка и борба против тероризмот и за меѓусебно признавање и замена на возачките дозволи помеѓу двете држави.
„Со желба за олеснување на движењето на граѓани кои поседуваат возачки дозволи издадени од соодветните надлежни органи на двете земји за време на посета или престој на територија на едната или другата држава веќе нема да имаат потреба од замена на возачките дозволи. Тоа значи дека и двете страни ги ослободуваат подносителите на барање за замена на возачката дозвола од теоретски и практични тестови и потреба од полагање во другата држава во категориите А, Б и БЕ. За повеќе од илјада македонски граѓани кои живеат во ОАЕ ова ќе значи значително намалување на трошоците. Меморандумот за разбирање за безбедносна соработка и борба против тероризмот отвара голем простор за соработка за брза размена на информации и спречување на кривични дела во спектарот од тероризмот преку организираниот криминал и корупција до спречување на трговијата со луѓе и мигранти“, потенцираше министерот Тошковски на средбата.
Министерот Тошковски побарал да се разгледа можноста за укинување на визите за македонските граѓани за ОАЕ, со цел, како што вели, „развивање на поинтензивна туристичка, економска и културна соработка помеѓу нашите две земји“.
Post Views:
32
Извор : vesnik-ilinden.com
Македонските возачки дозволи ќе бидат признаени во Обединетите Арапски Емирати