Следната недела ќе се знае дали ќе има замрзнување на цените или намалување на маржата на производите за широка потрошувачка. Дали е тоа вистинската мера за заштита на потрошувачите, за подигање на нивниот животен стандард и за оздравување на економијата, или е удар врз неа. Владата не знае што да прави со економијата, иако е свесна дека во вакви услови не може ништо да направи за да ги намали цените, односно да го подигне стандардот на граѓаните.
Мерките за заздравување на економијата не можат да бидат палијативни, туку многу предвремени и навремени, односно системски и донесени пред многу децении. Барем од осамостојувањето да се почнеше. Деновиве власта најавува некакво ограничување на цените на производите што ја полнат потрошувачката кошничка, што е крајно популистичка мерка од две причини: Владата не може да ги суспендира пазарните законитости и движења, а второ – не може сама да одлучи кои производи ќе влезат во таа кошничка, затоа што за тоа има методологија усвоена од соодветните стручни, научни и статистички европски институции.
Но, едно е да се вика на митинзи пред изборите, а друго е соочувањето со реалноста откако ќе помине изборната еуфорија. Сите што ќе дојдат на власт во ваква сиромашна земја, го колнат денот кога е донесен Законот за забрана за печатење пари. Сите си велат, „да можев ќе отпечатев пари за сè што ми треба и така народот ќе беше мирен, а јас ќе си владеев додека е светов и веков“. Ама тие времиња поминаа, а парите, еквивалент на продуктивноста, се сè помалку, затоа што и продуктивноста ни е сè помала.
Тоа значи дека немаме домашен производ, немаме доволно работна сила, вработена да го создава, да плаќа даноци и придонеси во фондовите за здравство и за пензиско осигурување, тие се празни, парите се делат по малку на голем број корисници, а тоа значи – сиромаштија. Така, сегашната власт е притисната во немоќ, но за да ја држи предизборната гордост, мора да ветува некакви мерки, божем нешто ќе реши со магично стапче што го нема во своите раце.
Таа може даспроведува некакви мерки на ограничување, но тие мора еден ден, и тоа многу скоро, да „пукнат“, а тоа значи затворање фирми и отпуштање работници од работа, и што е најстрашно за македонската економија и за стандардот на граѓаните – доведување во прашање на стабилноста на домашната валута – денарот. Што подготвува владата? Да се намалат цените на основните прехранбени земјоделски производи! Според најавите, „во есенската кошница треба да бидат ставени зеленчукот, овошјето, пекарските и млечните производи“.
Врз основа на симулација ќе ја утврдела есенската потрошувачка кошница со 100 производи и ќе ја разгледала можноста за замрзнување на цените или ќе се ограничат маржите од 5,10 и 15 проценти.
Прашања:
– Како да се намалат и кој да ги намали цените?
– Да се ограничела маржата?
– Кој да ја намали маржата и што ќе значи тоа за трговецот, кој и така работи со минимална маржа. Трговците од зелените пазари кажуваат дека земјоделски производи на кванташкиот пазар – нема, или ако има се многу скапи, па тие не ги купуваат, затоа што не можат да ги продадат на крајните купувачи.
Власта воведува некои нови категории, како што е категоријата „есенска потрошувачка кошничка“!
Но, есенска потрошувачка кошничка не постои, таа е една и единствена, утврдена со соодветна методологија и се знае кои производи ја полнат. Ако владата мисли дека во таа кошничка производите ќе ги замени со поевтини и така ќе прикаже дека на едно четиричлено семејство му е доволна „есенската“ според примањата – се лаже себеси и лесноверните вљубеници во неа.
Ни очекувањата дека некаков си „закон за нефер трговски практики“, кој треба да донесе дополнително намалување за најмалку 20% (!), не е реално да се очекува дека ќе ги намали цените.
Интервенцијата на владата во економијата е оправдана во обратна насока, а тоа е кога некоја компанија или индустриска гранка е во криза, да ѝ помогне од соодветните фондови од државниот буџет, како што бае мерките на владата во време на ковид-кризата. Тогаш, во економијата беа инјектирани 100-тина милиони евра за помош на фирмите, без кои многу од нив досега ќе беа ликвидирани.
Прашањето – дали тие пари требаше да бидат вбризгани на страната на побарувачката, наместо на страната на понудата и ден-денес виси, но наше мислење е дека требаше да се најде модус, како што е тоа со повратот на одреден процент на враќање на ДДВ-то, тие пари да им беа дадени на граѓаните кои, и да сакаа, не можеа да ги злоупотребат, затоа што тие пари, како и да е, и зошто и да е, ќе мораа да се најдат од оваа страна на тезгите во која било продавница. Така, тие мерки ќе имаа поголем ефект. Како и да е, тие мерки во време на ковидот се презедоа и помогнаа. Сега веќе никој не се сеќава на нив.
Но, да се ограничуваат маржите, тоа е само фрлање прашина в очи, освен ако Владата не открила дека пазарните цени на домашниот пазар, всушност, не се пазарни, туку се формираат монополски, односно со недозволено и нелегално здружување. Во тој случај пендрекот треба да го земе пазарната инспекција и сите други институции надлежни за контрола и санкционирање на криминалот. За тоа на власта ѝ стојат на располагање голем број закони, но сетете се зошто тие не се спроведуваат? Пипалата на октоподот се долги и лигави и затоа тешко се ампутираат.
Никој веќе не ги спомнува проблемите во енергетскиот сектор, што е базичен за формирање на цените. Никој веќе не го спомнува гасоводот и можноста домаќинствата да го користат за домашни потреби. Никој не го спомнува и не го осудува монополското здружување на откупувачите на земјоделските производи итн. Во Србија, на пример, во тек се дискусии за симнување на мораториумот за изградба на нуклеарни централи.
Во ова тешко време за целиот свет траба да се мисли, да се поставуваат и да се решаваат основните економски прашања врз кои се темели и надградува економијата, а не постојано да се мавта со цената на потрошувачката кошничка, која, се разбира дека е најбитна за нас потрошувачите, но таа може да поевтини со преземање радикални, значи коренити мерки во економијата, чии резултати ќе се видат по многу години. Ако сакаме да бидеме вистински патриоти, од некаде мораме да почнеме. Да се стигне до најоддалечената точка на некој пат, мора да се направи првиот решителен чекор.
Бране Стефановски, СЛОБОДЕН ПЕЧАТ