Горан Стоименов
Според истражувачки податоци на АПИС изработени од релевантни агенции за испитување на јавното мислење, во Северна Македонија само 3% од полнолетната популација посетува автомат клубови и казина, кои себеси се доживуваат како традиционални играчи кои претходно си ја пробувале среќата во западните држави, најчесто членки на ЕУ. Стана непишано правило дека централна причина за сите девијантни појави во македонското општество се игрите на среќа. Тој, условно кажано притисок, кој се креира во континуитет, е причина за постојани најави за ревидирање на регулативата за овој економски сектор. Во изминатиот период беа одземени лиценците на четири компании кои започнуваа со организирање онлајн игри на среќа, активна останува уште интернет платформата на Државна лотарија „Мега вин“, иако има најава и за нејзино згаснување.
Како претставник на АПИС, тука сакам да го реафирмирам ставот, дека како асоцијација постојано укажуваме дека организирањето онлајн игри на среќа е во апсолутна спротивност со предлозите на дислокација на објектите, бидејќи преку интернет и мобилните уреди тие се многу лесно достапни. Истовремено, започна процес за одвраќање на познати спортисти да рекламираат игри на среќа. Притоа, надлежните свесно премолчуваат одредени финансиски факти дека годишниот приход во државниот Буџет од сите приредувачи на игри на среќа достигнува до 280 милиони евра, од кои 1,5 проценти директно се слеваат во Министерството за спорт, а дополнителни 1,5 проценти во Министерството за здравство. Што значи дека државата не се воздржува да ги троши значителните приливи од игрите на среќа.
Вредно е да се напомене дека пред неколку дена повеќе домашни медиуми објавија дека Врховниот суд во Шпанија ја укинал забраната за рекламирање на игрите на среќа, почитувајќи ги регулаторните правила во ЕУ. Укината е и претходната забрана за присуство на познати личности во реклами за игри на среќа, затоа што тамошниот Суд проценил дека се повредува слободата на говорот. Така тоа се одвива во земјите полноправни членки на ЕУ, во чие семејство се стремиме рамноправно да влеземе. Популизмот не може да биде посилен од правните норми.
Паралелно со политиките во Македонија продолжува приземната кампања против легалните игри на среќа. По веќе виден шаблон во критиките активно се вклучуваат и верски лица, се зборува за наводен огромен број зависници кои се споредуваат со зависници од хероин. Се наметнува перцепцијата дека општеството ни е болно и дека бројот на деловни објекти за организирање игри на среќа и светлечките реклами се главниот виновник за оваа состојба. За жал, ваквиот пристап отсуствува кога станува збор за големиот број на угостителски објекти, специјализирани продавници за алкохол и цигари, зголемениот број малолетници кои консумираат алкохол и никотин, и сѐ почесто регистрираните случаи на малолетници кои причинуваат сериозни кривични дела. Сакам да бидам јасен, не е мојата цел да ги застапувам игрите на среќа по секоја цена, туку да бидам доволно провокативен за да спречам селективност во оценувањето на одредени општествени појави.
Бидејќи нашето општество не располага со релевантни податоци за бројот на зависници од игри на среќа, принуден сум да се служам со примери од соседството. Имено, српски „Блиц“ во февруари 2024 излезе со анализа за состојбата во соседна Србија каде статистиката покажала дека се неточни бројките за нивниот број на зависници од игрите на среќа, кои ги пласираат најрадикалните противници на овој економски сектор. Како и кај нас, така и кај нашиот северен сосед е отворена дебатата колку игрите на среќа создаваат зависност и во колкав обем. Тамошните критичари на игрите на среќа оперираат со повеќе од 100.000 зависници на 9 милиони жители во Србија, што е своевиден апсурд бидејќи излегува дека оваа бројка е поголема од вкупниот број на регистрирани играчи таму.
Врз основа на прецизните податоци на медицинските експерти и надлежните установи кои се занимаваат со третирање зависности, вкупниот број зависници не надминува 1.030. Согласно овие податоци Србија е под европскиот просек по бројот на зависници. Според статистиката на Специјалниот завод за лечење зависности во Белград, најрелевантна институција за оваа проблематика, со проблеми со зависност од игри на среќа годишно се пријавуваат за помош од 150 до 200 луѓе. Тоа е 0,02% од вкупниот број жители, а европскиот просек е 1,5%.
Се разбира, и оваа бројка, без разлика колку е мала, во Србија ја сфаќаат многу сериозно, и преку кампањи за подигнување на јавната свест ги презентираат ризиците од потенцијална зависност од игрите на среќа. Како и кај нас така и таму на малолетниците им е строго забранет пристап до објектите за игри на среќа. За онлајн игрите на среќа е предвиден систем за регистрација и верификација на играчите за да се спречи пристап на малолетници до овие платформи.
Во ноември 2023 во Србија е спроведено истражување на 1.100 испитаници од организацијата „Солидарност за децата“. Собирањето на податоците е направено преку интервјуа со децата и нивните родители, преку телефон, со целосна заштита на нивниот идентитет, со оглед на фактот дека се работи за деца како најранлив дел од популацијата. Податоците покажале дека 0,6% од малолетниците на возраст од 13 до 17 години имале контакт со игри на среќа. Но, ниту еден од нив не влегол физички во објекти за игри на среќа, туку се претпоставува дека контактот го оствариле преку интернет, злоупотребувајќи го идентитетот на полнолетни лица од нивното поблиско опкружување.
Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС), која ги застапува дел од организаторите на игри на среќа во автомат клубовите и казината во Македонија, кои се всушност претставници на капитал на земја членка на ЕУ, веќе неколку години води активна кампања на интернет порталите со слоганот „100% законски – СТОП за малолетници“. Не постои записник во кој во објектите од страна на надлежните државни институции е констатирано присуство на малолетни лица. Ова е потврда дека станува збор за општествено одговорни компании кои во целост ја почитуваат домашната регулатива која ја сметаат за една од најстрогите на Балканот. Истовремено, согласно највисоките светски стандарди, во објектите е обезбедена постојана поддршка од страна на дежурен психолог за секој нивен играч кој евентуално ќе почувствува зависност од игрите на среќа, да може веднаш да го контактира.
Според истражувачки податоци на АПИС изработени од релевантни агенции за испитување на јавното мислење, во Северна Македонија само 3% од полнолетната популација посетува автомат клубови и казина, кои себеси се доживуваат како традиционални играчи кои претходно си ја пробувале среќата во западните држави, најчесто членки на ЕУ.
Може слободно да констатираме дека популизмот е најголем непријател на системските решенија. Загрижува фактот колку брзо забораваме. Игрите на среќа се стари колку и светската цивилизација. Ако не постојат легални игри на среќа, ќе никнат играчници по подруми каде ќе се игра на црно, без никаква контрола од државата, како во 90-те години, кога сите бевме сведоци и на игри со ќибритчиња на Камениот мост во Скопје. Сакам да кажам дека страсните играчи секогаш ќе најдат начин да си ја задоволат страста. Без разлика дали и колку тоа е штетно за државата и системот. Доволно е да се потсетиме на скандалот „Детонатор“ од 2011, кога на истокот на Македонија беа запленети 1.500 нелегално поставени покер апарати. Ако наша главна определба е да станеме полноправни членки на ЕУ, тогаш треба да ја следиме таа регулатива и за игрите на среќа, ценејќи ги како економски сектор, кој во Македонија е најголем приватен работодавец.