Почетна Убавина и здравје Која е вистинската нијанса на течната подлога за вас? – Убавина и здравје

Која е вистинската нијанса на течната подлога за вас? – Убавина и здравје

од nenad
4 минути читај за

Понудата на пудри и подлоги никогаш не била побогата, што е добра вест. Но токму тоа ни создава тешкотии во изборот на вистинската нијанса. Ако досега не ја пронајдовте вашата, еве на што треба да внимавате кога купувате…

Судејќи по понудата во парфимериите, изгледа како секоја недела на полиците да се појавува некоја нова, унапредена линија течни пудри, а бројот на нијансите во рамките на една линија постојано расте – некогаш ги има повеќе од 40, па и 70! Но овие цифри не ја откриваат вистинската приказна. Всушност, големиот број нијанси може да ве измамат, а основните бои не се секогаш такви какви што ги гледаме.

Голем број жени со години не успеваат да ја најдат идеалната нијанса за себе, сепак – сега ситуацијата дефинитивно се менува. Ајде заедно да ја пронајдеме најидеалната!

Прелиминарни подготовки

Најбрз начин да се снајдете меѓу многубројните опции и да го стесните изборот е да одлучите каков ефект сакате да постигнете – мат или сјаен? Така елиминирате 50% од понудата. Потоа, одлучете која текстура ви одговара најмногу: течна со пумпа, крем… Тоа решава дополнителни 30%.

Дали ви е полесно сега? Понатаму, неопходно е да земете предвид две важни нешта. Можеби ќе звучи контрадикторно, но ако вашата кожа е исклучително мрсна, повеќе ви одговара подлога во крем, бидејќи подобро го прекрива себумот, од онаа лесна, немрсна, која до крајот на денот ќе се „напие“ мрснотија од лицето.

Доколку не ви се допаѓа чувството на тежина на лицето, определете се за подлога со поголема концентрација на пигмент. Во тој случај доволно ќе биде да нанесете помало количество на лицето отколку кога станува збор за седеф или за транспарентните производи, кои се нанесуваат во повеќе слоеви.

Која е бојата на вашата кожа?

Ако сте навистина сигурни какви се поттоновите на вашата кожа (студени, неутрални или топли), исто како што сте сигурни во датумот на раѓање, тогаш можете да преминете на ново ниво, но со предупредување: не постои стандардна категоризација на подлогите според тоновите на кожата. Затоа, секој производ мора да го проверите индивидуално. Ако не сте сигурни, облечете бела маица и погледнете се во огледало, на природна светлина. Во белата маица е можно да се забележат сините, црвените, жолтите, маслинестите или розовите тонови на кожата – не постојат други бои што ја нарушуваат реалната слика. И понатаму не успевате да го одредите тонот на својата кожа?

Ако има златна или бронзена нијанса кога ќе се исончате, тогаш имате топли поттонови. Ако лесно црвенеете и имате светол тен, кожата изгледа маслинесто (во случај на средни тонови) или изгледа повеќе црна отколку кафена, тогаш вашата кожа има студени поттонови. Ако забележите и студени и топли поттонови, тогаш кожата ви е неутрална.


Поврзани објави

Стратегии за нијансирање

Време е да ги измачкате рацете со бои! Кожата на лицето содржи најмалку два тона. Надворешниот дел на лицето, врвот на носот, челото и јаболчните коски обично имаат друга боја, бидејќи се најистакнати и најмногу изложени на сончевите зраци. Постојат три начини да излезете накрај со ова. Ако сакате да користите подлога само во една нијанса, ваша цел е да пронајдете боја што ќе ги поврзе двата тона на лицето.

Друга стратегија: користете подлога во боја што му одговара на тонот на кожата на средишниот дел на лицето (нијанса што ќе ја уедначи бојата и ќе ги осветли деловите околу очите, под носниците и околу усните), а потоа со помош на бронзер додајте му длабочина и топлина на надворешниот дел на лицето. Можете да користите и подлога или коректор со незначително посветла нијанса, за израмнување на бојата на природно посветлите делови на кожата.

Иако овој процес изгледа доста комплицирано, повеќето жени го спроведуваат инстинктивно, со помош на хајлајтери, коректори или бронзери. На крајот, немојте да се оптоварувате со интензивно нијансирање. Најважно е внатрешниот дел на лицето да е во склад со деколтето.

Генерална проба

Сега е време трите избрани бои што се најблиску до бојата на вашата кожа да ги втриете во кожата под јаболчните коски (ако ги усогласувате со бојата на внатрешниот дел на лицето) или во линијата на долната вилица (ако ги усогласувате со бојата на надворешниот дел на лицето).

Потоа, погледнете се во огледало на дневна светлина. Ако ви изгледа дека сте направиле добар избор, втријте малку подлога и во кожата меѓу показалецот и палецот. Овој дел е исклучително набрчкан и затоа е добар показател за таложењето на подлогата во брчките на лицето.

Ако не сте во можност да ја изведете оваа проба, земете огледало и доближете ги боите до лицето. Иако е полесно да ги споредувате на горниот дел на дланката, таа стратегија ќе ве одведе во погрешна насока – кон потемни нијанси од оние што ви се потребни реално.

Ако не можете да одлучите која да ја купите – земете ги и двете бои! Иако трошокот е поголем, со текот на времето ќе можете да ја одредите бојата што најмногу ви прилега и да ја купувате во иднина – без промашување!

ТЕКСТ: НАТАША ЧОВИНОВСКА

 

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING