Почетна Македонија Комората не е поканета на преговорите за унгарскиот кредит, смета дека провизиите не смеат да бидат баснословни

Комората не е поканета на преговорите за унгарскиот кредит, смета дека провизиите не смеат да бидат баснословни

од nenad
2 минути читај за

                    Претседателот на СКСМ, Бранко Азески, е убеден дека бизнисот овој пат ќе ќари и ќе ги искористи средствата на најсоодветен начин за да го зголеми извозот Банките не би требало да наплаќаат големи провизии за парите од унгарскиот кредит и тие, според Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија, треба да се движат во рамките на очекувањата.

Азески рече дека засега Комората е само страничен набљудувач на преговорите меѓу Владата и банките, бидејќи тие не биле поканети на нивната неделна средба, но се пошегува дека „можеби ќе добијат покана, оти имало време до недела“. – Не реков дека нема да пуштат покана. Досега не сум поканет, но слушнав дека се подготвува таква средба и не знам зошто ќе се случи во недела.

Веројатно им треба повеќе време. Јас соработувам со едните и со другите и тврдам дека во делот на банките и бизнисот, си има најпрофесионална структура. Владата има голема одговорност на почеток на мандатот да направи добар потег. Мислам дека бизнисот овој пат ќе ќари.

Ние сме тие што треба да ги искористиме средствата на најсоодветен начин – и понатаму извозот да остане приоритет број 1 – рече Азески, прашан за средбата на банките со Владата за да ги договорат условите за пласман на парите од унгарскиот кредит. Прашан дали е изненаден од фактот што банките не попуштаат за каматата, првиот човек на СКСМ, додаде дека не е изненаден бидејќи, како што истакна, секој си го брани своето.

 

Премиерот Христијан Мицкоски завчера рече дека парите од унгарскиот кредит се тука, а на банките е да одлучат дали сакаат да помогнат или не, односно дали ќе покажат општествена одговорност и ќе се откажат од банкарските трошоци. Во пресрет на средбата со банкарите, која треба да се одржи викендов, а на која треба да се прецизираат деталите и да се пресече дали и преку која комерцијална банка ќе се пласираат средствата за бизнисот, Мицкоски побара од банкарите да бидат општествено одговорни и да не им наплаќаат на компаниите дополнителни трошоци за кредитите од унгарските пари.

Двесте и педесет милиони евра како кредити ќе бидат пласирани во бизнисот, односно стопанството со каматна стапка од 3,25 отсто со грејс-период до три години и рок на отплата од 12 години. Неофицијално, банкарите за пласманот на овие средства, побарале приближно исто да изнесуваат и банкарските трошоци, односно 3,25 отсто камата.

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING