– Израелскиот Кнесет рано утрово со големо мнозинство усвои резолуција со која се отфрла формирање палестинска држава, јавија локалните медиуми.
Резолуцијата, усвоена со 68 гласа за и девет против, целосно отфрла формирање на палестинска држава, дури и како дел од мировен договор.
Резолуцијата беше заеднички поддржана од партиите од коалицијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, како и од десничарските партии од опозицијата, а документот доби поддршка дури и од центристичката Партија за национално единство на Бени Ганц, јави „Тајмс оф Израел“.
Пратениците од партијата на левиот центар Јеш Атид на опозицискиот лидер Јаир Лапид го напуштија пленумот за да избегнат да дадат поддршка на резолуцијата, бидејќи Лапид претходно се изјасни за решение со две држави.
Иницијативата беше усвоена само неколку дена пред посетата на Нетанјаху на САД, каде што тој ќе се обрати на заедничка седница на двата дома на Конгресот и ќе се сретне со американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа.
јт/Фото: МИА архива .
Извор: МИА