Почетна Убавина и здравје „Квалитетот на животот кај лицата со аутизам зависи од правилната поддршка“ – Убавина и здравје

„Квалитетот на животот кај лицата со аутизам зависи од правилната поддршка“ – Убавина и здравје

од nenad
4 минути читај за

Дознајте со какви предизвици се соочуваат лицата со аутизам и како да се зголеми степенот на инклузија во нашето општество

Замислете си 11-годишно момче што обожава да плива, да црта, да чита книги, кое никогаш не лаже и не се расправа. Истото тоа момче е и многу тивко, се затвора во својот внатрешен свет и тешко му е да комуницира со своите врсници. Околината честопати не го разбира, мисли дека сака да биде оставено на мира, но тоа е далеку од вистината. Велат дека е со аутистичен спектар и дека затоа е посебно, а момчето само сака да биде прифатено. По дефиниција, спектарот на аутизмот претставува низа на невроразвојни нарушувања, кои се манифестираат со проблеми во социјалната комуникација и интеракција, со ограничени и повторувачки начини на однесување и активности.

Со какви предизвици се соочуваат децата со аутизам во нашите училишта, дознаваме од експерт што секојдневно поминува време со нив, им помага при учењето и ги охрабрува да ги развијат своите потенцијали. Разговаравме со специјалниот едукатор и рехабилитатор во приватна пракса, Викторија Ивановска Дамчевска.

Колку време работиш како специјален едукатор и рехабилитатор?

Како специјален едукатор и рехабилитатор работам од 2017 година веднаш по завршувањето на студиите. Моето прво искуство беше како образовен асистент на ученик со аутистичен спектар на нарушување во редовна настава. Знаењето кое го стекнав во текот на двете години како асистент ми помогна понатака и во работењето како специјален едукатор и рехабилитатор во приватна пракса каде што сум веќе шеста година.

Како изгледа еден твој работен ден?

Работниот ден започнува со планирање на часовите. Бидејќи со секое дете се работи индивидуално, потребно е да се следи планот за работа во кој се определуваат активностите и целите кои треба да бидат постигнати за време на часовите. Често децата се тие кои спонатно создаваат свои активности во зависност од нивното расположение и интерес, а ние сме тие што ги следиме и приспособуваме во насока на целите кои сакаме да ги постигнеме.

Каква соработка имаш со родителите на децата со аутизам? Има ли такви кои потешко ја прифакаат состојбата на нивните деца?

Прифаќањето на состојбата е најтешкиот предизвик со коиј се соочуваат родителите на почетокот на секој третман. Тоа е различен процес за секого, но многу битен, бидејќи само ако родителите ја прифатат оваа состојба, ќе можат да му помогнат на своето дете. Затоа и сметам дека многу е важна соработката од првиот ден. Искуството ме научило дека довербата, искреноста и трепеливоста се основата за успешна соработка меѓу еден специјален едукатор и родител.

Поврзани објави

Кои се најголеми предизвици во училиштето со кои се соочуваат децата со аутизам? Дали тие се поврзани со следење на наставата, со дружење со другите деца или пак со нешто сосема друго?

Предизвиците со кои се соочуваат учениците со аутизам во училиште можат да бидат најразлични. Потешкотии во следењето на наставата се јавуваат како резултат на нивната сензорна осетливост на некои дразби, проблемите со вниманието и хиперактивноста и вербалната комуникација. Овие деца често реагираат кога им се случува промена, било да е тоа промена во распоредот на часовите или некоја активност.

При работењето со овие деца најчесто користам комбинации од повеќе методи на работа како психомоторна реедукација, АBA, PECS, floor time терапија и многу други, во зависност од целта која сакам да биде постигната.

Можеш ли да издвоиш некој позитивен пример на дете со аутизам кое постигнало значителен напредок за време на образовниот процес?

Ме радува тоа што со најголемиот дел од децата со кој сум работела имам постигнато видливи и значителни резултати. Но ако треба да издвојам, тоа би бил ученикот со кој работев како образовен асистент две години, сега веќе запишан во редовно средно училиште, кој успешно го следи образовниот процес во рамките на неговите можности и капацитети, благодарение на поддршката од учениците и наставничките кои создадоа средина во која тој постојано напредуваше. Во тој период се инсистираше на негова поголема независност во извршувањето на училишните обврски, која понатака продолжи и во секојдневното функционирање.

Како да се постигне повисок степен на инклузија на лицата со аутизам во нашето општество? Што ни недостасува?

Потребна е промена на традиционалните сфаќања на проблемите со кои се соочуваат овие лица. Потребна ни е стратегија која предвидува инклузијата да продолжи и по завршувањето на образовниот процес. Квалитетот на животот кај лицата со аутизам зависи од правилната поддршка, која ние како општество сме должни да им ја понудиме.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: GETTY IMAGES, ПРИВАТНА АРХИВА

Проф. д-р Горица Поповска-Налевска: „Крајната цел е децата со аутизам да функционираат како задоволни и корисни членови на општеството“

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING