Почетна Свет Избори во Германија: АфД сака излегување од ЕУ

Избори во Германија: АфД сака излегување од ЕУ

од nenad
5 минути читај за

Во нацрт-изборната програма АфД се залага за излез на Германија од ЕУ, укинување на еврото, враќање на рускиот гас, укинување на социјалната помош за Украинците и ограничување на абортусот. Нацрт-изборната програма на Алтернатива за Германија (АфД) е напишана на 85 страници и претставува како АфД ја замислува иднината на Германија. Тоа е иднина надвор од Европската унија каква што ја знаеме денес. АфД зборува за „Европа на суверени нации“, што подразбира конфедерација на држави, економска и интересна заедница. Во нацртот се вели: „Сметаме дека е неопходно Германија да ја напушти Европската унија и да формира нова европска заедница“. Според тој нацрт, би требало да постои заеднички пазар, а надворешните граници да се заштитат од илегална имиграција. АфД предлага и референдум за прашањето на ЕУ.

АфД е за враќање на германската марка

АфД смета и дека еврото е проблематично и затоа се залага за напуштање на денешната заедничка валута и враќање на германската марка.

„Дексит“ за Германија – напуштање на ЕУ и формирање нова заедница. Тоа се прашања со кои АфД се занимава со години и сега во својата изборна програма предлага референдум.

За политикологот Волфганг Шредер, прашањето за „Дексит“ е максимална позиција која се следи долго време. Во интервјуто за АРД, Шредер истакна дека со тоа јасно било јасно дека „АфД е десничарска партија која е надвор од можноста за формирање коалиција“. Партијата постојано се враќа на провокативни, фундаментални максимални позиции.

Враќање на нуклеарната енергија и рускиот гас

Изборната програма зборува за тоа како многу граѓани се лишени од оптимизам за иднината и „панично“ мислејќи при што се споменува пандемијата на коронавирусот, војната во Украина и „наводната егзистенцијална климатска криза“.

Климатските промени отсекогаш постоеле и „тоа е сложен феномен предизвикан од голем број фактори“, се наведува понатаму и се појаснува дека прашањето за човечкото влијание е научно нерешено. Од гледна точка на АфД, штетата предизвикана од екстремните временски настани, како оние во долината на реката Ар, се должат на политички неуспех. На пример, се споменува недостатокот на брани.

Според нацртот, оправдано е термоелектраните на јаглен да работат подолго. АфД, исто така, сака враќање на нуклеарната енергија, употреба на нафта и гас за греење и воспоставување на повторно снабдување преку Северниот тек.

Без осуди за руската агресорска војна

АфД сака укинување на економските санкции против Русија. Се вели дека војната против Украина го разниша европскиот мировен поредок. Не се осудува руската агресорска војна и се наведува дека Украина треба да стане неутрална земја надвор од НАТО и од Европската унија. Според изборната програма на партијата, Бундесверот треба да има поголема финансиска поддршка и кадровски потенцијал.

Воената обврска не се појавува како клучен збор во нацртот. Во интервју за АРД, лидерката на партијата Алис Вајдел истакна дека таа е наведена во основната програма на АфД. Таа порача дека Германија мора да биде посилна за да може барем да се одбрани.

АфД сака да се фокусира на економската и енергетската политика. „Треба да се вратиме на сериозно производство на енергија и диверзифицирано снабдување со енергија“, рече Вајдел.

Во нацрт-изборната програма АфД се залага за пазарна економија и смета дека интервенциите на државата треба да се сведат на минимум. Автомобилската индустрија се истакнува како водечка индустриска гранка и партијата сака електромобилноста да не се преферира, а инфраструктурата за полнење да не се финансира од јавни средства.

Заострување на прописите за абортус

АфД постојано повторува дека сака значително да ги намали трошоците за миграција и азил. Нацрт-програмата предвидува гранични контроли и враќање на мигрантите од германските граници. Германија, како што се наведува, треба сама да одлучи кој може да дојде во земјата.

Партијата сака да овозможи бегалците да се приведуваат на границите. Според АфД, Украинците повеќе не треба да имаат право на социјална помош за невработени (т.н. Бургергелд). Генерално, АфД се залага  придобивките за барателите на азил да се сведат на ниво на хуман егзистенцијален минимум.

Кога станува збор за абортусот, АфД се залага за значително заострување на законските регулативи. Абортусите треба да бидат апсолутен исклучок.

Политикологот Волфганг Шредер смета дека зад ова се крие идејата на доминантното ултрадесничарско крило на партијата „дека Германците можат да се справат со својата иднина само ако имаат сопствени деца“./www.dw.com/mk

 


Post Views:
28

Извор : vesnik-ilinden.com
https://vesnik-ilinden.com/izbori-vo-germanija-afd-saka-izleguvane-od-eu/

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING