Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека постои силна алијанса помеѓу Москва и режими како оној на севернокорејскиот властодржец Ким Џонг Ун. „Сега веќе не се работи само за испорака на оружје, туку за вклучување на Севернокорејци во окупаторските трупи“, изјави Зеленски во своето видео обраќање.
Во последните денови имаше информации за распоредување на севернокорејски војници во источна Украина. Американскиот воен тинк-тенк ИСВ (Институт за проучување на војната) неодамна објави дека неколку илјади севернокорејски војници пристигнале во Русија и се подготвуваат за распоредување во Украина. Пјонгјанг веќе масовно ја поддржува руската агресивна војна против Украина со оружје и муниција.
Според јужнокорејската тајна служба, земјата, која е главно изолирана на меѓународно ниво, првенствено испорачува артилериски гранати и ракети со краток дострел. Зеленски сака со врска со ваквиот развој на ситуацијата да разговара со западните партнери – и го искористи како можност да повика на поголема поддршка за украинската армија.
„Кога зборуваме за повеќе можности за Украина за оружје со долг дострел и повеќе одлучувачки резерви за нашите вооружени сили, не станува збор само за список на воена опрема“, изјави тој, додавајќи дека притоа станува збор за зголемување на притисокот врз Москва до тој степен што таа повеќе нема да може да го издржи. „И се работи за спречување на поголема војна“ – вели Зеленски.