Посетителите на Државниот музеј на Холандија во Амстердам ќе можат да го гледаат процесот на отстранувањето на стариот лак на сликата во живо Започна досега најобемната реставрација на славната слика „Ноќна стража“ на холандскиот уметник Рембрант ван Рајн.
Посетителите на Државниот музеј на Холандија во Амстердам ќе можат во живо да го гледаат процесот на реставрирање на сликата, која била завршена во 1642 година, пренесува Би-би-си. Сликата, најпозната како „Ноќната стража“, била и претходно реставрирана – најмалку 25 пати во својата историја. Таа била и двапати „нападната“ со нож, а еднаш и со киселина.
За да биде заштитена од вакви напади и каква било штета, во 1975-6 година таа била покриена со лак. Но, токму овој лак ја има направено сликата да изгледа потемна од што вистински е. Таа всушност не ни прикажува ноќна сцена, како што називот „Ноќна стража“ (што не е нејзиното официјално име) би укажал.
Новиот проект за реставрација доаѓа по пет години истражување со помош на техники како дигитално сликање и мапирање на сите детали на сликата со помош на вештачка интелигенција. Осум „реставратори“ ќе започнат со отстранување на лакот од сликата. „Со отстранувањето на лакот ќе се открие богатата историја на ‘Ноќната стража’. Ќе биде уникатно искуство за јавноста да го следи овој процес одблизу“, рече Тако Дибитс, директорот на Државниот музеј.
Пишува: Борјан Гаговски