Вчера, во Парк во Франкофонија, активистите, уметниците и учениците ги споија познавањата и креативноста во колективни мемории и дела.
Учениците од ОУ „Кочо Рацин“ и ООУ „Коле Неделковски” – Центар, Скопје заедно со уметникот Доротеј Нешовски ги цртаа омилените анимирани херои, создавајќи џиновски сложувалки кои ги разигруваат маалските улици.
Во друг дел на маалото, учениците од Општинско основно училиште „Ј. Х. Песталоци“ – Скопје беа на прошетка со Oрганизацијата за промоција на женската активност „Тиииит.Инк“, па преку архитектурата и јавната уметност се запознаа со делата и приказните за македонските жени кои оставиле печат врз историјата. Истовремено, во Мобилна / Монтажна галерија, активистот Никола Писарев заедно со други уметници пополека ја обновуваше јавната опрема, за поубаво маало.
Третото издание на Маалски фестивал официјално се отвори со изложбата „Пет години КСП Центар – Јадро“. Веќе 5 години под заедничката замисла „Културата како јавно добро“ во КСП Центар – Јадро се запознаваат, активно дејствуваат и се инспирираат уметниците, културните работници, локалната заедница и публиката.
На отворањето се обратија основачката на Јадро Асоцијацијата на независната културна сцена Искра Гешоска, актуелниот претседател на Јадро Асоцијација Артан Садику и првата директорка на КСП „Центар – Јадро“, Јасмина Билаловиќ.
Гешоска посочи дека највредно од оваа приказна е заедништвото и упорноста да се промени концептот во политичкиот систем во којшто навистина ќе бидат рамноправни оние што се креатори на политички одлуки и граѓанскиот сектор.
„Би инсистирала да не се заборави зошто толку макотрпно се боревме за да се создаде оваа приказна, а тоа е заедништвото. Не беше едноставно, ни беше збунувачки, се конфронтиравме меѓусебно, ама пак тоа е заедницата, за такви заедници сонуваме. Коишто ќе се конфронтираат, а сепак ќе произведуваат нови наративи. Мислам дека изведовме еден поинаков наратив, а мисијата сега треба да ни биде да го одржиме. Ќе видиме како тоа ќе оди понатаму, но сега за сега мислам дека функционира“, истакна таа.
Садику се осврна на неколкуте обиди за вклучување на Асоцијацијата во процесите на креирање на новиот Закон за култура, притоа нагласувајќи дека како што се комплицираат политичките и економските услови во државата, регионот и на меѓународно ниво, првата жртва врз која паѓа товарот е секогаш културата.
„Едиствено нешто што мене да ми дава поттик е дека ние уште постоиме како Асоцијација на доста активни членки кои итекако имаат знаење, искуство и мотив за да продолжат да ја држат оваа сцена во живот, па понатаму и да ја развијат, бидејќи само со таква сцена општеството ќе има поприсутна култура која е критичка за разлика од култуирата која е детерминирана од страна на власта“, истакна Садику.
Првата директорка на КСП „Центар – Јадро“, Јасмина Билаловиќ се осврна на почетоците на Центарот и сите предизвици кои биле надминати.
„Сакам да му посакам на Јадро среќен петти роденден, да има долг век и да се развива во согласност со потребите на независната културна сцена“, рече Билаловиќ.
Првиот ден беше заокружен со маалска журка во Парк на Франкофонија со музичари од Колективот „Гола Планина“, а се продолжи со „спонтан“ мешан состав на музичари од повеќе бендови.
Денешниот, втор ден од Маалски, ќе се заокружи со џез и филмски проекции. Аматерскиот џез хор „Артисан“ и џез партитурите ќе ја разиграат улицата Алберт Ајнштајн и маалото, со својот настап во КСП „Центар – Јадро“ кој ќе започне во 19.30 часот.
На селекцијата „Рани трудови“, која ќе се одржи во КСП „Центар Јадро“, со почеток во 20 часот ќе бидат проектирани (ретро) студентски филмови. Сега веќе етаблираните режисери – Јане Алтипармаков и Филип Херин, ќе имаат проекции на нивните кратки студентски филмови „ГЕТО 103“ и „ОГЛЕДАЛО“.