Почетна Македонија Жалби по пресудата за велешаните: Силувачите на малолетничката добија затворски казни под законскиот минимум

Жалби по пресудата за велешаните: Силувачите на малолетничката добија затворски казни под законскиот минимум

од nenad
5 минути читај за

Во декември 2021 година, дваесет и петгодишниот Стефан Димовски почнал на Инстаграм да комуницира со четиринаесетгодишно девојче, кое не било од Велес, туку од место во близина на Велес и живеело во интернат во градот.

Речиси десет години постариот велешанец по неколку недели комуникација успеал да го убеди девојчето дека ќе започнат љубовна врска. Кога прв пат се сретнале снимил порнографски материјал кој потоа му бил „ас“ во ракавот за да го присили девојчето да доаѓа и на други средби. Ја уценувал дека ако не дојде, материјалите со интимна содржина ќе ги објави на социјалните мрежи.

Но, тука не запрела злоупотребата на девојчето, па Димовски го принудувал девојчето да оди во станови што биле изнајмувани на повеќе локации во Велес. А таму, непознати мажи откако ќе се „подмачкале“ со дрога и алкохол го силувале девојчето повеќе од една година.

За овие грозоморни злоупотреби се дозна на почетокот на 2023 година и тогаш беа осомничени четворица велешани и еден тетовец, а потоа истрагата се прошири за уште десет лица, односно за случајот беа осомничени вкупно 15 лица. Во текот на истрагата двајца тетовци се спогодија и добија условни казни, а токму тие биле клучот за да се отплетка целиот случај со девојчето.

Тетовците се истражувале за продажба на дрога, но во нивните телефони биле најдени порнографски снимки од девојчето и така почнала истрагата за злоупотребата на девојчето што резултираше со затворски казни за 13 велешани. Еден од нив призна вина уште на почетокот на судењето и доби тригодишна затворска казна. Останатите 12 пак беа осудени на Светскиот ден на детето, односно на денот кога во 1989 година беше донесена Конвенцијата за правата на детето.

„Детето треба да биде заштитено од сите форми на сексуална експлоатација и сексуална злоупотреба, употреба на деца во проституција или други незаконски сексуални практики, во порнографски изведби и материјали“, стои во еден од членовите на Конвенцијата.

Иако судијката Даниела Димовска при изрекувањето на пресудата испрати силна порака дека ова е битка за идните генерации и испрати прашања до целото општество каде се движат малолетните, дали кокаинот е единственото нешто што ги прави среќни, дали родителите знаат што се случува со нивните деца, сепак досуди затворски казни под законскиот минимум.

Највисоката затворска казна беше пет години и шест месеци, а најниската беше условна, иако законскиот минимум е осум години. Другите осудени сите на возраст, сега од 22 до 32 години, беа осудени на пониски казни.

-Основниот кривичен суд Скопје ја објави пресудата за предметот против 13 лица обвинети за кривичните дела Трговија со малолетно дете од чл. 418 – г, Силување од чл. 186 ст.2 и Прикажување порнографски материјали на малолетник од чл. 193 ст.3 од КЗ., при што сите 13 обвинети, судот ги огласи за виновни за кривичните дела кои им се ставаат на товар, соопшти Кривичниот суд.

Според Кривичниот законик, за делото за кое се товара обвинетите „Трговија со малолетно лице“ предвидена е затворска казна од најмалку осум години, а иста е казната и за тој што користи или овозможува на друг сексуални услуги

За кривично дело „силување“ казната е најмалку три години, а за „прикажување на порнографски материјал на дете“ казната е од три до пет години затвор. Полномошникот на оштетената, адвокатката Наташа Бошкова, која застапувала голем број на вакви случаи, вели дека судот за вакви дела досудувал и по 15, 17 години затворски казни.

-Јас како полномошник на оштетената не можам да се жалам на висината на казните, но ќе поднесам жалба затоа што Кривичниот суд не упати штетата за имотно-правно побарување да ја бараме пред Граѓанскиот суд. Судот имаше докази и можеше да пресуди и за ова, а сега треба оштетената да се изложува на дополнителни трошоци и трауми и постапката би траела уште две, три години.

Казните беа под законскиот минимум со оглед на тоа што за трговија со дете минималната казна е осум години, а освен што обвинетите доаѓаа редовно на судење, друга олеснителна околност не постоеше. Судот за вакви кривични дела во други случаи досудувал и по 15, 17 години затвор. За висината на казните треба да се жали Обвинителството – изјави Бошкова за „Слободен печат“.

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал најавија жалби на пресудите.-Согласно принципите на обвинителството, судските одлуки не се коментираат. Предметниот јавен обвинител не е задоволен со вчера изречените казни во предметот.

Откако писмено ќе ја добие пресудата, најави дека ќе го оствари своето законско право и ќе вложи жалба по однос на висината на изречените казни – велат од Обвинителството за „Слободен печат“. Освен Обвинителството, незадоволни од пресудата беа и адвокатите на обвинетите. И тие најавија жалба на пресудата и тврдеа дека пресудата е донесена без докази и е базирана само на исказите на жртвата.

Судењето започна на 19 септември 2023 година, но цела расправа беше затворена за јавноста. -Станува збор за кривично – правена постапка кој во текот на главната расправа, по предлог на Јавниот обвинител, но и заради одредбите од ЗКП, со оглед да оштетената во периодот на сторување на кривичното дело била малолетна, беше затворена за јавноста.

Но, согласно добиените решенија од Врховниот суд на РСМ со кои на претставници на медиумите им беше дозволено снимање и фотографирање на расправа, како и заложбите на Кривичниот суд за поголема отвореност и транспарентност на постапките, а притоа имајќи го предвид и јавниот интерес за конкретниот предмет, денешната објава на пресудата беше отворена за јавноста во

делот на изреката и беше дозволено снимање и покрај своеволната одлука на дел од обвинетите да ја напуштат судницата за време на снимањето. Додека пак при објава на диспозитивот на пресудата, јавноста беше исклучена пред се заради заштита на податоците за жртвата, а имајќи ја предвид и судската праска на Европскиот суд за човекови права – соопшти Кривичниот суд.

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING