Почетна Македонија ЕК за образованието: Резултатите на учениците слаби, буџетот потпросечен

ЕК за образованието: Резултатите на учениците слаби, буџетот потпросечен

од nenad
3 минути читај за

Слаби ученички резултати на меѓународните тестирања, буџет за образование кој е далеку под просекот на ЕУ, дигитална трансформација која е ефективна, кохерентна и инклузивна. Ова се само дел од забелешките нотирани во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава, кој се однесува на образованието. Иако има многу предизвици, сепак, во делот кој се однесува на дигитализацијата, пишува дека Северна Македонија презела чекори кон ефективна, кохерентна и инклузивна дигитална трансформација на неговиот образовен систем.

„Тоа е направено преку лансирање на нов менаџмент во образовниoт Информациски систем (EMIS), опремување на училиштата и ставање во употреба дигитални учебници во основното образование. Но, властите треба дополнително да овозможат развивање на дигитални вештини на целата територија во основното и во средното образование, како и да ги зголемат капацитетите на образовните институции, а наставниците да ги развијат овие вештини во согласност со дигиталното образование на ЕУ, односно Акциониот план од 2021 до 2027 година“, наведено е во извештајот.

Во него пишува дека Стратегијата за образование 2018-2025 е главниот документ со кој се уредуваат промените во образовниот сектор, но се потенцира дека неговите механизми за следење и понатаму не се добро дефинирани.

„Властите треба да ги подобрат капацитетите во училишниот систем овозможувајќи оптимизација и реструктуирање на училишната мрежа, со што ќе се зголеми ефикасноста на образовниот систем. Потребен е нов модел на финансирање за основното образование кој треба да го развие МОН за да се прераспределат средствата поефективно низ општините. Јавната потрошувачка за образование и обука благо е намалена на 3,17 отсто од БДП во 2024 година (3,58 отсто во 2022 година), што е сè уште далеку под просекот на ЕУ од 4,7 отсто. Буџетот за образование се намалил како дел од вкупниот државен буџет во 2024 година (9,15 отсто) споредено со 2023 година (11,7 отсто)“, пишува во извештајот. Исто таака, од ЕК посочуваат дека бројот на ученици во основните училишта се намалил за 0,83 отсто на почетокот на учебната 2022/2023 година, а бројот на ученици во средните училишта е намален за 2,52 отсто, во споредба со претходната учебна година.

„Резултатите од ПИСА тестирањето објавени во ноември лани покажаа неуспех на учениците во читање, математика и природни науки, односно пониски резултати во однос на 2018 година. Учениците постигнаа пониски резултати од просекот на ОЕЦД. Резултатите покажуваат висок процент на 15 годишници кои не успеваат да покажат основно познавање (ниво 2) во читање (73,6%), во математика (66,2%) и во наука (65,3%). Северна Македонија учествува и во ТИМСС Меѓународното истражување, како и во ТАЛИС, со цел да се обезбедат податоци засновани на докази за условите за работа на наставниците“, се наведува во извештајот. Во однос на високото образование, пишува дека се намалува бројот на студенти.

„Во академската 2022/2023 година имаше запишани 69.227 студенти. Главниот предизвик останува подобрување на квалитетот на високото образование преку развој на акредитација и процеси за обезбедување квалитет. Треба да се направи нов модел за финансирање на високото образование“, се препорачува во извештајот.

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING