Table of Contents
Како да одберете каде да отпатувате следно? Фотографиите на Гугл знаат да излажат, а пофалбите на социјалните мрежи може да се заслужени, но може и да се дел од маркетиншка кампања. Во време кога не може да му се верува на Интернетот, најмногу значат советите од прва рака. Токму затоа, и’ се обративме на Билјана Зотовска, дипломиран инженер-технолог, која ни ги сподели своите топ-дестинации за патување, секако, во скратена верзија, бидејќи таа несомнено има материјал за цел роман…
НАЈУБАВОТО ПАТУВАЊЕ
Секое патување ми е посебно, бидејќи патувањето се и музиката и храната и природата и најмногу луѓето кои ќе ги запознаеш. Јас сум многу комуникативна па од секое патување се враќам побогата за уште едно пријателство. Патувањето низ целиот Египет за мене е едно од најубавите. Египет не е Хургада и Шарм ел Шеик. Египет е од Александрија, преку Каиро, Кена, Луксор, Асван па се’ до Абу Симбел долу на југ на самата граница со Судан. Египет треба да го следиш и разгледаш само по течението на Нил и нема да погрешиш. Бев скоро 15 дена низ овие градови и едноставно не може да се опише Египет во неколку реченици.
Египет е мајката на светот. Египет е срцето на светот. Од пирамидите, Сфингата, до Египетскиот Национален Музеј каде пред тебе ги гледаш мумиите како сега да се мумифицирани, преку течението на Нил, до Долината на гробниците на кралевите, преку храмовите на кралицата Хатшепсут, Филае храмот, храмот Луксор,Дендера , храмот Карнак кој е ремек дело, до неверојатно убавото Нубиско село Асван. Џамии, пазари, неверојатно изобилство на храна и најљубезните луѓе што можете да ги запознаете на планетава. Надополнето со Црвеното Море, со неговата единствена тиркизна боја. Египет е едноставно совршен.
НАЈДОБРАТА ПЛАЖА
Како голем љубител на песочни плажи и тиркизно море имам неколку фаворити, ама ако треба една плажа да одберам тоа дефинитивно ќе биде Ансе Лацио на Сејшели, на островот Прален (Praslin).
НАЈДАЛЕЧНАТА ДЕСТИНАЦИЈА
Не е најдалечната , но со сигурност најдолго патував до Сејшели. Конекцијата беше таква што мислев нема крај. Прво со кола до Белград 5 часа, па со „Емирати“ до Дубаи скоро 6 часа, па од Дубаи до Викторија (главниот град на Сејшели) уште 5 часа. Слетавме на островот Махе, па оттаму со мал локален авион уште 30 мин до Прален, па со траект уште 30 минути до островот Ла Дигуе, за да не’ пречека комбе од хотелот и конечно да стасаме на посакуваната дестинација.
РАЈ НА ЗЕМЈАТА
Рајот би требало да претставува изолирано, тивко место со многу зеленило, птици, опкружено со вода, високи палми, кокоси и цветови во сите видени и невидени бои. Па затоа нема да одберам урбано место , туку ќе кажам или Малдиви или Сејшели.
НАЈСКАПО И НАЈЕВТИНО
Поврзани објави
Најскапо дефинитивно беше патувањето од Кан, Ница па се’ до Монако. Најевтино, а сепак преубаво беше во Португалија.
НАЈВКУСНАТА И НАЈЧУДНАТА ХРАНА
Сакам да пробам се’ во секоја земја. Храната во Египет и Турција мене ми е највкусна. Португалија е на врвот кога е во прашање морската храна, во Франција бев мртва гладна од мали и чудни сервирани јадења, во Шпанија исто полугладна, Холандија просечно, во Италија од шпагети и пици не сум нешто воодушевена, ја обожавам Будимпешта и сум била сто пати но храната за мене е презачинета со чудни недопечени меса (иако бараш да е месото well done). На Сејшели пробав некое чудно овошје, којзнае што беше. Може и ме излажаа за да пробам. Може беше некој мариниран гуштер.
НЕЗАБОРАВНО ИСКУСТВО
Никогаш нема да го заборавам летањето со параглајдер на Малдиви при силен ветер. Летавме со сестра ми заедно и потпишавме летање на сопствен ризик. Вториот момент кој нема да го заборавам е снимањето на едно видео во Кападокија, каде што јас буквално поминувам меѓу растрчани диви коњи.
НЕ БИ СЕ ВРАТИЛА ВО…
Нема да кажам не би се вратила пак, бидејќи јас не сум човек кој посетува дестинации само колку да се бројат. Јас сакам да им се навраќам на моите омилени дестинации. Европа не ја сакам многу, бидејќи сум видела скоро се’ и тоа по неколку пати. Сите што ме знаат знаат дека јас сум заљубена во Ориентот, во Блискиот исток , посебно во арапските земји и Африка. Моја најголема желба е да ги посетам сите арапски земји. Прва на листа ми е Саудиска Арабија за која веќе имам испланирано речиси се’. Оман, Либија, Либан, Јордан, Ирак, Катар, Јемен со Сокотра, Кувајт, Алжир се следните мои дестинации.
ПРЕПОРАКА ЗА ПРОДОЛЖЕН ВИКЕНД
Продолжениот викенд зависи од буџетот. Убав продолжен викенд може да биде и мојот Охрид. Но ако треба да одберам надвор од нашата држава, тогаш тоа за мене дефинитивно е Турција. Една од најубавите земји во светот. Од преубави градови, летни ресорти, зимски ресорти, планини, реки, природа, храна, музика, народ…
Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА