Во интервјуто за неделното издание на весникот, поранешниот шеф на дипломатијата говори и за актуелната ситуација во билатералните односи со Грција, и вели дека за првпат откако се реши прашањето со името и во Скопје и во Атина на власт се партиите кои беа против Договорот од Преспа, но и објаснува дека во неговата политичка кариера научил „целосно да ги разбира грижите и чувствителностите и на двете страни.
-Импресивно е колку малку се свесни и во Грција и во Северна Македонија за тоа колку беше тежок компромисот за другата страна. Секоја страна ги признава само своите отстапки. Позитивно е тоа што ниту Нова демократија ниту ВМРО-ДПМНЕ немаат намера да го урнат мостот што со толку напор го изградивме. Двете страни ги уживаат плодовите на договорот, а во исто време ги обвинуваат нивните претходници за слабостите што се констатираат. Сепак, долгорочно, мостот без грижа и одржување може да се оштети. Клучната состојка овде ќе биде одговорно раководство за да ги донесе поблиску двете реалности, вели Димитров.
Ги објаснува трите начини за решавање на споровите, согласно предвиденото во Договорот од Преспа и посочува дека во овој момент потребен е првиот, односно преговори, средби, отворено разменување мислења, добра волја, комуникација зад затворени врати, а не преку јавни изјави.Сепак, вели дека и покрај „недостатоците во спроведувањето на Договорот и од двете страни, компромисот функционира“ и изразува оптимизам дека „компромисот ќе го издржи и актуелниот политички предизвик“.