Настан за македонската книжевност за деца. Автентична, македонска зимска приказна за деца од Иван Антоновски, со илустрации на Иванка НиБа
„Сѐ убаво што постои на светов, создадено е од љубов.“ Со ова мото, денес ќе биде промовирана најновата македонска книга-сликовница за деца, зимската приказна „Бакнежи на небото“ на Иван Антоновски, со илустрации на Иванка НиБа, во издание на „Светулка“. Промоцијата ќе се одржи во културниот центар „Лабораториум“, со почеток во 18 часот. Промоторка на книгата-сликовница што веќе предизвикува голем интерес ќе биде универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, а во програмата активно ќе учествуваат и најмладите. Настанот ќе биде за сите генерации, а за децата ќе има и изненадувања.
Современата македонска книжевност за деца не е веќе дете пеленаче, туку е момче затрчано по духовните ливади на животот. Доказ за тоа е приказната за најмладите вдомена во книгата „Бакнежи на небото“ на авторот Иван Антоновски. Таа е лесна, игрива, стилски дотерана и музикална. Таа е и уште нешто. Создадена е мајсторски и вешто, истакнува Стојан Тарапуза.
Според Киро Донев, книгата на Иван Антоновски дава одговор на огромното, никогаш незадоволено љубопитство на децата, и тоа преку живиот, непосреден и спонтан разговор меѓу главните ликови.
Но, авторот тоа го прави на начин, на кој, чинам, и најстрогиот критичар, или литературен сладокусец, не би нашол гола дидактика, или сува педагошка поука. Би немал забелешка ниту за избраниот мотив, за фабулата, за заплетот, за развојот или заклучокот на приказната. Зашто сѐ е кажано искрено, топло, едноставно, но на високо уметничко ниво. Зашто во таа книга, толку многу е кажано што на младиот читател ќе му носи големо задоволство и радост. И прашањата и одговорите на нејзините страници така педантно се стокмени, што книгата личи на суптилен прозен ѓерден, нанижен од добар и талентиран автор… …Неспорни се уметничките квалитети на оваа прекрасна книга, заради која сосема е сигурно дека многу побогати и посреќни ќе бидат сите оние деца, кои ќе можат да ја прочитаат или да ја слушнат и видат, нагласува Донев.
Во својот критички осврт, Горјан Петревски нагласува дека љубовта е стожер во сликовницата „Бакнежи на небото“ и дека приказната на Антоновски им ја открива на децата вистината на животот.
Оваа книга им открива на децата дека сѐ што се случува во природата и, воопшто, на планетата, е плод на љубовта. Уште и кога сознанијата доаѓаат од дете, повозрасната Илина, но, не и без љубопитноста на другото, помалиот Јаков, на тој начин имаме два главни лика кои, бездруго, ќе бидат засакани и прифатени од оние што ќе ја читаат, посочува меѓу другото Петревски.
„Бакнежи на небото“ е нежна и лирична приказна за настанувањето на зимата, за љубовта меѓу облаците, раѓањето на снегулките… Но и многу повеќе од тоа. Книга за сите генерации.
Приказна за сите деца и родители чие љубопитство не згаснува, дури и кога ни се чини дека сме ги дознале одговорите. Едноставноста на јазикот, згуснатата имагинација и живите дијалози, го тераат читателот на постојано навраќање на прочитаното. „Бакнежи на небото“ се чита бавно и тивко, и топли како меко ќебенце во студена, снежна ноќ, оценува Николина Андова Шопова.
По промоцијата, оваа исклучителна зимска книга-сликовница со којашто нашите деца ќе можат да уживаат и да растат оваа зима, веќе ќе биде достапна во книжарниците.
Post Views:
57
Извор : vesnik-ilinden.com
Денес ќе биде промовирана „Бакнежи на небото“ – најновата македонска книга-сликовница