Девизи, разни парчиња облека и техничка стока биле запленети во текот на изминатата недела на Граничниот премин Табановце. Како што информираат од Царинската управа, 16.250 евра биле откриени во три одвоени случаи од страна на мобилните царински тимови, кај тројца македонски државјани пријавени за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Во првиот случај, во паричник на патник во автобус со македонски регистарски таблички, биле пронајдени 8.300 евра за кои не поседувал документ за потекло.
Во вториот случај, во џеб од панталоните на возачот на автомобил со македонски регистарски таблички, биле пронајдени 7.850 евра за кои не поседувал документ за потекло. Во третиот случај, во преден џеб од фармерките на возачот на автомобил со македонски регистарски таблички како и во преградата пред совозачкото седиште, биле пронајдени вкупно 6.100 евра за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи на лицата им биле вратени по 2.000 евра, а останатиот дел од сумата биле одземени.
Во текот на изминатата недела биле запленети и 480 парчиња мамки за риболов и 980 држачи за трски за риболов. Како што информираат од Царинската управа, тие биле откриени од страна на Службата со мобилен скенер, при контрола на товарно возило со македонски регистарски таблички, пријавено за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи биле пронајдени во кутии сместени на креветот во кабината на возилото.
– Истите се привремено задржани а против возачот, македонски државјнин, ќе биде поведена прекршочна постапка, стои во соопштението.
Запленети биле и три употребувани технички производи, еден употребуван моторцикл и еден нов пневматик. Истите, како што објаснуваат од Царина, биле откриени од страна на Службата за мобилни скенери при контрола на товарно возило за транспорт на возила со словенечки регистарски таблички, пријавено за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат.
Целиот текст на www.kumanovskimuabeti.mk