Почетна Економија Дебата: Секој да стави камче во мозаикот во борбата против корупцијата

Дебата: Секој да стави камче во мозаикот во борбата против корупцијата

од nenad
2 минути читај за

Борбата против корупцијата треба да се врши секојдневно чекор по чекор и храбро, без страв, порачаа панелистите на вечерашната јавна дебата на тема „Корупција“ што се одржа во Битола, а чиј домаќин и организатор беше граѓанското здружение Про Локал.

Според поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупција Билјана Ивановска, секој може да стави камче во мозаикот, секој може да даде свој придонес во борбата против корупцијата која може да се спречи ако се пристапи системски и со личен пример.

-За системски пристап, ние подготивме стратегија за борба против корупција, анализа на ризици и дојдовме до заклучок дека најголеми ризични фактори во државата се отуството на интегритет, силното политичко влијание кое е многу присутно, и секако неказнивоста, отуството на одговорност, а тоа е знак на каков степен на зрелост е општеството, затоа што ако некој е зрел тогаш има чувство на одговорност, а ако тоа отсуствува, тогаш имаме неодговорност, посочи Ивановска.

На јавната дебата во Битола, антикорупцискиот активист Герман Филков истакна дека годишно во земјава само од јавни набавки низ корупција дури 400 милиони евра завршуваат во приватни џебови.

-Сите се надеваме дека младите може да направат многу во борбата против корупцијата. Кога ќе ве забоде нешто во очи веднаш да се заинтересирате.

Како ќе дознаете дека нешто не е нормално? Кога ќе забележите како некои се однесуваат со нашите, вашите пари.

Нашите пресметки кои се објавени покажаа дека годишно во земјава само од јавни набавки дури 400 милиони евра завршуваат ви приватни џебови.

Ова е податок за минатата година, а со нив можеа да се изградат 550 современи детски градинки, или 100 домови за стари лица, но и други објекти, нагласи Филков.

Панелистката Деница Чадиковска, уредник за комуникации во ИРЛ потврди дека во нивната редакција секојдневно  од граѓани добиват пријави за корупција затоа што како што рече таа е насекаде.

-Корупцијата не е нешто апстрактно, туку напротив тоа што дишеме загаден воздух, тоа што пиеме нечиста вода, тоа што скоро секогаш се чувствуваме понижени по посета во некоја институција, но корупција е тоа што некому сме дале доверба, а тој ги запоставува обврските, рече меѓудругото Чадиковска.

Јавната дебата ја модерираше новинарот Васко Маглешов, а присуствуваа млади од пелагонискиот регион, учесници во проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија 2“ кој е поддржан од пелагониските општини и амбасадата на Холандија, информира Емила Героска, прв човек на Про Локал – Битола.

мт/лв/фото: МИА .

Извор: МИА

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING