Почетна Економија Дебата: Како демократија која се уште не матурирала, премногу бараме од политичарите и јавноста

Дебата: Како демократија која се уште не матурирала, премногу бараме од политичарите и јавноста

од nenad
9 минути читај за

Како демократија која се уште не матурирала, премногу бараме од политичарите и јавноста да се однесуваат како да сме Холандија, беше речено на денешната дебата по повод Извештајот за изборната етика што го изготви Форумот за разумни политики.

Учесниците изнесоа различни размислувања и ставови, но речиси заеднички беше заклучокот дека во однос на изборната кампања, земјава евидентира напредок.

Направен е исчекор во однос на препукувањата и личните напади, имавме добри избори во рамки на балканските стандарди, немаше инциденти и најверојатно ќе имаме, како што беше речено, мирен трансфер на власта.

 Едно од размислувањата беше дека интелектуалците се плашат и дека треба да го подигнат гласот, без страв да го кажат своето спротивно мислење и да наметнат етика во изборниот процес, наместо да ги прифаќаат пристапот, вокабуларот и пораките на партиите.

Опасно е, беше посочено, да се нормализира дискурсот на политичарите и да се вели – „пцујат, имаат ад-хок напади кон противникот, ветиле космодром, даваат лажни ветувања и тоа е ок“.

Меѓу клучните сегменти, порачаа учесниците, се и медиумите, посебно нивната етика во пренесувањето на информациите, зашто многу е важно граѓаните да бидат вистински и што е можно поинформирани.

 -Дистинкцијата меѓу политиката и етиката кај нас е комплетно избледена. Многу е важно да се зборува на оваа тема особено во критични периоди како што се изборите.

Етиката во изборниот процес е нешто што лебди, што постои околу нас и е дел од нашата политичка култура и некогаш не можеме да ја препознаеме зашто се работи за тешко мерливи работи.

Не само што не можеме да го препознаеме тој дискурс, туку и го нормализираме – пцујат политичарите, имаат ад-хок напади кон противникот, ветиле космодром – ок.

Тој тип на нормализација на јавниот дискурс е опасен зашто базира врз измама.

Имаме одговорност да го препознаеме тој тип на дискурс и да се обратиме до гласачите, потенцијалните гласачи и неопределните кои не сакаат политика, да им укажеме дека таквите говори се токсични и прават вид замајување на јавното мислење, рече Гордан Георгиев од Форумот за разумни политики.

Според него, важно е за следните избори да имаме исчекор плус. -Имавме исчекор плус на овие избори, на фонот на негативната кампања, на препукувањата, личните напади,. . .

, имавме добри избори, добар изборен процес во рамки на некакви балкански стандарди. Она за што се плашиме пред секои избори, го немавме.

Имавме добри избори, немавме инциденти, имавме или ќе имаме неверојатно мирен трансфер на власта што е важно, напомена Георгиев.

 Во однос на медиумите, тој напомена дека граѓаните го гледаат и го слушаат тоа што тие ќе им го „сервираат“.

-Партиски настан или митинг е специјален момент што го немаат сите видено и не знаат како изгледа. Тоа дава ограничена перспектива.

Граѓаните, гласачите, неопределните, оние што не сакаат политика и не гледаат перспектива во ниту една од политичките понуди, го гледаат тоа што им го сервираат медиумите и социјалните мрежи и таа перспектива е прилично ограничена зашто им се нуди можност на медиумите да бираат што ќе пренесат.

Во тој избор, полесно е да се избере негативната перспектива зашто таа повеќе „лепи“ и „купува“ гледачи и е во судир со етичката компонента.

Тој фин баланс е одговорност на медиумите и ние најдобронамерно се обидуваме да укажеме дека е важен балансот меѓу бирање да се извадат токсичните работи во вестите и да се промовираат можеби политиките на одредена партија, коалиција.

Впечатокот од анализата е дека многу малку граѓани имаат прилика да дознаат за што се залагаат партиите, рече Георгиев.

 Тој оцени дека најнегативниот „хајлајт“ на овие избори од етички аспект беше препукувањето меѓу Али Ахмети и Мицкоски, што внесе лош вкус на изборите.

-Но, од друга страна имаме прогрес, бидејќи мерењето покажува дека овој тип црна кампања не е присутен во мејнстрим медиумите.

Тоа значи дека не само заради АВМУ и институциите со кои се ограничени, туку и заради внатрешен етос во редакциите – „нема да пуштаме по секоја цена токсични вести или овој тип на црна кампања“.

Во делот на социјалните медиуми таа постои и е прилично расветана и разгранета и тука е голем проблем како тоа би се ограничило.

Претпоставката е дека во елаборирана демократија граѓанинот треба да е иформиран колку што е можно повеќе и тука е нашиот главен фокус – дека ако не им овозможиме на граѓаните преку медиумите, социјалните мрежи и профилите на кандидатите јасна слика за што се залагаме и пртоа да не ве лажеме и мамиме, а тоа ќе го видиме по изборите, нема да имаме информирани граѓани, може да имаме разочарани граѓани и мобилизирани партиски бази врзани често клиентелистички, дополни Георгиев.

 Според Јасмина Трајкоска – Наумоска, мора да се врати довербата во јавните институции и во политиката како нешто етичко.

-Политиката е поврзана со јавните функционери кои ќе ја имаат можноста да одлучуваат за јавни прашања.

Затоа е многу важно реториката да ја насочиме кон унапредување на демократските стандарди колку тоа и да звучи невозможно од оваа перспектива.

Колку и да е моќна одредена политичка партија, таа воопшто не е имуна на критичкиот глас за одредено јавно прашање кое засега поголем број граѓани.

Голем предизвик е да ја одржуваме критиката во однос на конструктивност.

Агресивноста реторика и негативната кампања останува да биде еден од предизвиците со кои треба да се соолчуваме во насока на надминување во следнит период.

Изборите повеќе треба да бидат борба на идеи, визии и политики за решавање на јавни прашања, отколку оцрнување на другиот, истакна Трајкоска – Наумоска.

Таа се осврна и на изборната култура, односна на, како што нагласи, неможноста на гласачите да направат дистинкција меѓу изборните процеси на локално, парламентарно и претседателско ниво.

-Тоа се уште покажува дека централизацијата во нашиот политички систем е на завидно ниво.

Фактот што по изборните процеси сите јавни позиции одат кон една или друга партија или коалиција, исто така го покажува огромниот предизвик на кој треба да работиме и кој треба да не насочува кон сфаќање на јавната вредност на јавната функција и значењето на личноста што ја врши таа функција.

Важни се и одговорноста и мерит системот кон јавноста, наместо кон партијата. Пратеник е јавна функција, а не партиска, потсети Трајкоска – Наумоска.

Ибрахим Мехмети оцени дека се уште е претесен граѓанскиот простор кој треба да се разликува од политичките партии и кампањи.

-Делумно е тоа така можеби зашто и ние како непартиски луѓе немаме доволно храброст да наметнеме наша етика во изборниот процес.

Се прифаќаат вокабуларот или пораките, пристапот што го наметнуваат партиите и тоа само се мултиплицира. На тој начин не придонесуваме многу за подобрување на етиката во изборниот процес.

Целата дебата надвор од политичката кампања е дека се следеше динамиката што ја наметнуваа партиите, речникот и вредностите што тие ги наметнаа се следеше од т. н.

аналитичари и тоа останува широко поле за интерпретација.

Иаше и интелектуалци кои мислам дека можеа да направат повеќе за да не се дозволи партиите да ја диктираат целата атмосфера во изборната кампања.

Иако немаше многу црна кампања, сепак имаше доста работи кои можеа да бидат подобри. Треба да бидеме поамбициозни и да бараме од политичарите во кампањата да бидат чесни, порача  Мехмети.

 Александар Спасеновски го наметна прашањето дали земјава, според историјата на транзицијата на власта по парламентарните избори, спаѓа во првата група земји – со највисоко ниво на демократски развој или е меѓу втората и третата, со средно и ниско ниво.

Според Ненад Марковиќ, еден од основачите на Инститот за демократија „Социетас цивилис“, луѓето се свесни дека при промената на власта нема да го добијат тоа што им е ветено и дека ќе бидат изневерени.

-На луѓето им е јасно дека ниту ќе има правда, ниту ќе има мир, ниту ќе има ревизија на какви било договори, тоа се глупости и тоа нема да се случи никогаш.

Сметам дека гласачкото тело е сосема свесно дека апсолутно нема да го добие тоа што е ветено, но револтот создава Павлопв рефлекс да се излезе на избори за да се казнува.

Можам да го пофалам Груевски за тоа што го направи во 2006 година, може некој да се обиде да го повтори тоа, да исфрли програма, нека е бизарна, несовршена.

Мислам дека и оваа нова генерација гласачи има заборавено штои значи да се извади политичка програма. Заборавивме како култура за што гласаме.

Знаеме против кого гласаме, но немаме поим за што гласаме, зашто знаеме дека на крајот ќе бидеме изневерени. Ме чудат луѓе кои се уште имаат високи очекувања при промена на власта.

Зошто имате високи очекувања, од кого? Нашите проблеми не се само во политичките елити, туку се системски, ако 30 години си уништувал, 50 ќе оправаш, истакна Марковиќ.

Политикологот Борјан Ѓузелов изнесе спротивно мислење, дека промени има во позитивна насока.

 -На почетокот кога доаѓа на власт, политичката елита е отворена за сугестии, па не нужно секоја промена е безначајна, иако на крајот, по еден или два изборни циклуса, структурните недостатоци го земаат данокот и повторно чуветвсуваме дека нема промена, но промена има.

Каде бевме пред седум години? на 27 април бевме длабоко во третата група на неконсолидирани демократии каде власта не сака да замине, за сега да бидеме далеку подобри од Србија и Унгарија од аспект на демократски стандарди, спроиведување избори, слобода на медиуми,.

. . , заклучи ЃузеловНовинарот Љупчо Поповски оцени дека е многу битно дали оваа структура што сега доаѓа на власт ќе организира фер и демократски избори.

Тој не се согласи со синтагмата во јавноста дека „одењето во опозиција е добро за една партија“, зашто, како што рече, секоја партија се бори да биде на власт.

-Ако тоа не го стори, идната година за локалните избори, а потоа и за другите, значи годинашните добри избори и оние од пред две години биле само инцидент, а другото е правило.

Тоа ќе биде еден од најголемите предизвици за новата владејачка структура.

Јас не сум убеден дека тие беспоговорно ќе ги продолжат практиките на овие шест-седум години, тоа треба да го докажат, истакна Поповски.

 Извештајот за изборната етика е изготвен за време на и по парламентарните и претседателските избори во април/мај 2024 година врз основа на анализирани 1 647 новинарски написи, видео прилози и текстови на социјалните мрежи на кандидатите, вклучувајќи и делумна компарација на програмите на политичките партии.

Базата на податоци опфаќа 69 различни медиуми и новинарско следење на изборите од 4 април до 8 мај 2024 година. мч/ев/фото/видео: МИА    .

Извор: МИА

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING