Емотивна приказна која ги омекна срцата и на најтврдите и ги расплака душите и на најкревките. Со оваа приказна, работена по вистински настан, сочуствуваа сите што ја слушнаа и ја засакаа сите што ја видоа.
„Девојката од прозорецот“ е една од бројните турски серии синхронизирана на македонски јазик и емитувана на една од најгледаните телевизии во Македонија, Сител. Но се издвои по тоа што за многу кратко време, со првите епизоди, ги освои симпатиите кај сите генерации, а главната хероина Налан, се чини, како да стана нераскинлив дел од секојдневието на бројните гледачи.
Емотивна приказна која ги омекна срцата и на најтврдите и ги расплака душите и на најкревките. Со оваа приказна, работена по вистински настан, сочуствуваа сите што ја слушнаа и ја засакаа сите што ја видоа.
На македонски јазик пак со сите емоции ја над синхронизира младата и шармантна македонска актерка Ванеса Тримчевска. Убавина и здравје ги искористи сончевите октомвриски денови, па низ кафе муабет нурна во светот на синхронизацијата, благодарение на девојката со чиј глас многумина го поминуваат голем дел од денот.
1.Која е македонската Налан, препознатливиот глас на Ванеса Тримчевска?
27 годишна девојка од Скопје, актерка, ќерка единец, вљубеник во животот.
2.Колку често ти велат во маркет, аптека, на лекар да повториш што си кажала, само да се уверат дали тоа си ти?
Па, морам да признаам дека ми се случило неколку пати и секогаш во прв момент не ми беше јасно зошто ми велат да им повторам нешто. Веројатно и на луѓето им е интересно кога прв пат ќе му го видат ликот на некој што го слушаат постојано на ТВ, па честопати сакаат да си прават споредби помеѓу актерите од сериите и ние што сме пред микрофоните.
3.Како почна приказната со последната хит серија на Сител каде ја надсинхронизираш главната хероина?
Во Сител ТВ синхронизирам веќе неколку години, баш од времето кога фати Ковид пандемијата. Имам синхронизирано многу серии кадешто генерално читам ликови коишто се на моја возраст или плус, минус 10 години постари или помлади од мене. За да ја читам Налан одлучи тимот колеги актери со коишто ги работиме сериите. Поискусните колеги најдобро го прават кастингот, секако секогаш со согласност од предложениот за улогата, па така и си ја „добив” Налан.
Поврзани објави
4.Постојат ли ритуали пред снимање и колку често ги гледаш сериите?
Сериите во кои учествувам секогаш ги следам редовно, можеби не секоја епизода, но се трудам. Сакам да се слушам и да гледам во која насока оди приказната на ликот што го читам. Во однос на ритуалите, кога снимам секогаш имам шише со вода покрај мене или некој топол чај, бидејќи грлото знае брзо да ми се исуши, особено ако е подолга епизода. Пред снимање ја размрдувам вилицата со брзозборки или вежби со стапче. Претпочитам да синхронизирам навечер, дома, кога веќе се е стишено и имам размрдана вилица поради целодневното зборење (зборам многу ако ми е погоден денот).
5.Се случило ли да снимиш повеќе од што треба само да видиш што ќе се случува понатаму?
Искрено, гледам никогаш да не се форсирам и си ја распределувам работата во текот на неделата подеднакво. Сериите многупати ме оставале со подзината уста и да, се случило да премотам епизода за да видам што се случува понатаму, особено ако ја следам серијата континуирано, како „Девојката од прозорецот” на пример.
6.Покрај синхронизирањето си доста активна и во artstreet и на штиците што живот значат. Лесно или тешко е да се биде актерка?
Има периоди кога сум поактивна, но има и периоди кога е „штама”. Во периодите кога немам толку многу ангажмани, се ангажирам сама, односно одам на работилници, мастер класови или проекти. Не сум вработена во театар, па се што работам до сега е на принцип на проекти. Дали е лесно или тешко зависи од самиот себе. Не треба работите да си го ставаме при срце кога некој кастинг или аудиција нема да ни успее, но од друга страна знае и многу да не погоди. Многу актери сме во нашава мала земја и затоа е тешко, но сепак да си актер е најзабавното нешто на цел свет, па затоа е и многу убаво и лесно.
За сите кои ги заскокота разговорот како почнува и се развива приказната за „Девојката од прозорецот“, Налан, продолжете да читате во продолжение:
Налан е наивна и љубезна девојка, израсната во голема куќа покрај Босфорот. Нејзината мајка Фериде е конзервативна и доминантна жена која ја контролира својата ќерка во сè што прави, грижејќи се за семејната чест како врвен приоритет пред сè останато. Госпоѓата Фериде не ѝ дозволува на ќерка си да излегува навечер или да се гледа со некој маж пред да се омажи. Ѝ ја контролира тежината, луѓето со кои се гледа, облеката која ја носи, никогаш не покажувајќи љубов и разбирање за своето чедо. И сето тоа е поради една голема тајна од минатото, скриена зад студените ѕидови на вилата. Девојката е всушност нејзина внука, која ја одгледала како ќерка, но никогаш не ѝ ја кажала вистината. И поради таквиот груб и немилосрден однос, Налан никогаш не се спротиставува на мајка си, го прави она што ќе ѝ биде кажано, одговара на телефонски повици кога мајка ѝ ќе ѝ дозволи, не се гледа со ниеден маж. Вистинска принцеза израсната зад прозорците на вилата. Невина девојка која сонува за љубов која никогаш не ја имала. За чувства кои никогаш не ги доживеала.
Но, еден ден, таа ќе се запознае со богатиот и успешен Седат, еден од синовите на богатото семејство на Рафат Короглу. Средбата со овој млад човек за девојката е остварување на нејзините соништа и потајно бегство од куќата во која израснала.
Но, ќе успее ли Фериде да го прифати овој човек за сопруг на нејзината ќерка и да ги оствари соништата на Налан? За таа што беше растена во стаклено ѕвоно, бајката ќе почне да се остварува, но ни самата не е свесна дека рајот по кој мечтаеше, за миг може да стане вистински пекол.
Фото: приватна архива и printskrin Youtube