Почетна Технологија Дај нов синдикален лидер! – МАКТЕЛ

Дај нов синдикален лидер! – МАКТЕЛ

од nenad
4 минути читај за

Партиите од владејачкото мнозинство во очи на изборите не излегоа од стопанските комори, ама синдикатите ги „заборавија“. Јасно е дека без стопанство нема економија, нема вработувања, нема плати, нема куповна моќ, нема даноци… Но, исто тоа го нема ниту без работници. А, како што мириса, на работниците добро не им се пишува.
По првиот синдикален притисок за зголемување на минималната плата, кој патем беше и првомајско мото на Сојузот на синдикатите, што значи заложба од пред изборите, премиерот Христијан Мицкоски веднаш го наостри копјето. Барањето го прогласи за партиско, а реториката не личеше на премиерска.

– За помалку од два месеца од работата на Владата, гледам еден синхронизиран, би рекол напад спротивен и на закони и на етика и на принцип и на сè од страна на претседателот на Сојузот на синдикати и од претседателот на најголемата опозициска партија, и тоа мене ме доведува во ситуација да размислувам дека тука има политичка заднина. Секој од нас живее од плата, ние не живееме од провизии, не живееме од криминални тендери, ние не живееме од трговски центри, од фабрики за марихуана, не живееме од тоа, ние живееме сите од плата, барем ние што сме овде. Јас би сакал и 5.000 евра да биде платата, но треба да дојдеме до тоа, имајќи ја состојбата во Буџетот што ја оставија и непредвидените усогласувања во согласност со колективните договори, па мораше сега со ребалансот да се усогласуваат – рече премиерот Мицкоски.

 

И оп, за ден-два воскресна Живко Митревски! Свика прес-конференција, да каже дека тој е легитимен претседател на ССМ и да каже дека не му се допаѓа како актуелниот претседател Слободан Трендафилов зборувал за „минималецот“ од 450 евра. Со жаргонот на Мицкоски, ова негово воскреснување, „ме доведува во ситуација да размислувам дека тука има политичка заднина“. Дали тоа новата Влада сака да го тргне Синдикатот од врат?
Од доаѓањето на Дарко Димовски (за жал, покоен) по подолго време слушнавме „непослушност“ во однос на одлуките на Владата. Го наследи Трендафилов, кој сега вели „во време на СДСМ бев човек на ВМРО, во време на ВМРО сум човек на СДСМ, тоа значи дека Синдикатот е на најдобар пат“.

Но, дали тој пат ќе му го прости ВМРО? Или Синдикатот ќе се врати на еден стар пат? Живко Митревски важеше за човек на ВМРО-ДПМНЕ. Едно едноставно впишување на неговото име на пребарувач на Гугл, ќе открие стотици мали и големи додворувања кон тогашната власт. Со потпис на Митревски, Синдикатот потпиша и декларација за соработка со ВМРО-ДПМНЕ што беше вистински преседан во функционирањето на едно синдикално движење. Пред Сојузот на синдикати стои еден предизвикувачки период. Треба конечно да се донесе новиот Закон за работни односи, кои веќе 5 години се крои и прекројува. Тука е, на пример, предлогот според кој работата на определено време може да се врши само две години наместо 5 како што е сега и тоа со „дупка“ во закон, така што ако во иста фирма работното место се крсти со друго име, одново може да течат тие 5 години и така во државава има вечни работници, кои работат на определено време.

И да, Синдикатот е тука и да се бори за поголеми плати, и за слобода на синдикално организирање, кое патем во индустриските зони одело многу тешко, и за да се смени онаа „дупка“ во Колективниот договор за стопанството, па ако фирмата има финансиски тешкотии, без да се дефинира што се тие, да може да се исплаќа К-15 и 10 денари. Работата на Синдикатот е и да алармира, како што алармираше Трендафилов дека 9.000 работници имаат плата под минималната, што е патем и кривично дело, а никој не мрда ни со прст.
Сака ли новата Влада со Митревски да ја направи порозова сликата за работничките права? Не е ли свесна дека дури и да ѝ успее во тоа, нема да останат работници во државава. Па ние веќе немаме доволен кадар ни за хигиеничари ни за лекари. Кој колку сака може розово да си фарба, реалноста е таа, и не се прекројува со „Дај нов синдикален лидер!“.

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING