Почетна Убавина и здравје „Време е да ги надминеме стереотипите за лицата со аутизам“ – Убавина и здравје

„Време е да ги надминеме стереотипите за лицата со аутизам“ – Убавина и здравје

од nenad
5 минути читај за

Table of Contents

Со какви предизвици се соочуваат лицата со аутизам, дознаваме од експертите што секојдневно поминуваат време со нив

Замислете си 11-годишно момче што обожава да плива, да црта, да чита книги, кое никогаш не лаже и не се расправа. Истото тоа момче е и многу тивко, се затвора во својот внатрешен свет и тешко му е да комуницира со своите врсници. Околината честопати не го разбира, мисли дека сака да биде оставено на мира, но тоа е далеку од вистината. Велат дека е со аутистичен спектар и дека затоа е посебно, а момчето само сака да биде прифатено. По дефиниција, спектарот на аутизмот претставува низа на невроразвојни нарушувања, кои се манифестираат со проблеми во социјалната комуникација и интеракција, со ограничени и повторувачки начини на однесување и активности.

Со какви предизвици се соочуваат децата со аутизам во нашето општество, дознаваме од експерт што секојдневно поминува време со нив, им помага при учењето и ги охрабрува да ги развијат своите потенцијали. Разговаравме со специјалниот едукатор и рехабилитатор Адријана Кукоска, која воедно е и личен асистент на Леон, синот на Амела Мемиш Апостоловска, со која исто така имавме можност да разговараме на оваа тема.

Колку време работиш како специјален едукатор и рехабилитатор?

Прилично мал број на дефектолози беа вработени во основните училишта пред осум години кога јас се вработив како стручен соработник-дефектолог, во меѓувреме не’ преименуваа во специјален едукатор и рехабилитатор.  Ние како специјални едукатори и рехабилитатори ја имплементираме инклузијата во училиштата, која, според мене, кај нас започна од покривот, а не од темелот. За да имаме добра инклузија потребна е рана детекција, рана интервенција – рано откривање на попреченоста, поддршка од страна на родителите на децата со попреченост за полесно прифаќање на состојбата на нивното дете и навремено започнување со работа. Не би требало ние во училиштата да ги детектираме учениците со попреченост, а потоа и да работиме со родителите на прифаќањето на состојбата на нивното дете, со тоа губиме драгоцено време кое е од големо значење за напредокот и развојот детето.

Работиш со многу деца со атипичен развој, меѓу кои и со аутистичен спектар на нарушување. Од твое искуство, колкав е бројот на децата со оваа состојба?

Не би карикирала со бројки бидејќи се’ уште немаме регистар за лица со попреченост, а камоли за лица со аутистичен спектар на нарушување, но можам да кажам дека бројот, за жал, е значително голем и кај нас, не само во светски рамки.

Каква соработка имаш со родителите на децата со аутизам? Има ли такви што потешко ја прифаќаат состојбата на нивните деца?

Имам соработка со родителите. Јас велам дека кога родителот ќе ја прифати состојбата на своето дете, пола проблем веќе е решен. Проблем е кога родителите се нереални и имаат нереални очекувања за своите деца. Мора тимски да се работи за да има напредок кај децата.

Кои се најголемите предизвици во училиште со кои се соочуваат децата со аутизам? Дали тие се поврзани со следењето на наставата, со дружењето со другите соученици или пак со нешто сосема друго?

Поврзани објави

Предизвици има многу. Воопшто кога зборуваме за тоталната инклузија, ние немаме услови за функционална инклузија, се’ уште не сме доволно информирани за аутизмот како состојба, имаме неподготвен наставен кадар и неподготвена стручна служба во училиштата, а да не зборуваме за семејствата на децата со аутизам кои немаат поддршка од професионалци за навремено откривање, полесно прифаќање и навремено започнување со работа со детето со аутизам.

Ако зборуваме за инклузија на учениците со аутизам, потребно е училиштата да бидат комплетно опремени инфраструктурно и кадровски, потребно е да се стандардизира индивидуалниот образовен план и модифицираната програма и да се промени педагошката евиденција, потребна е асистивна технологија, современи дидактички материјали и наставни средства за работа со учениците со аутизам како и за останатите ученици со попреченост.

Какви методи третмани применуваш во работата со децата со аутистичен спектар на нарушување?

За што поголема функционалност и нејзино подобрување кај лицата со аутизам, третманот треба да биде интензивен, континуиран, навремено започнат и со тим од професионалци од различни сфери. Јас како училишен специјален едукатор и рехабилитатор применувам психомоторна реедукација, сензорна стимулација, развој на социјални вештини, терапија преку игра… Во зависност од состојбата, можностите и потребите на ученикот со аутизам, се разликува и работата.

 Можеш ли да издвоиш некој позитивен пример на дете со аутизам кое постигнало значителен напредок за време на образовниот процес?

Секако дека има позитивни примери, и тоа кај деца со аутизам кои се високо функционални, но кај децата со посериозни форми на аутизам не можеме да издвоиме позитивни примери, бидејќи за нив најдобро е да учат во посебни училишта кои, за жал, веќе не постојат бидејќи се претворени во Ресурсни центри по воведувањето на тотална инклузија.

Како да се постигне повисок степен на инклузијана лицата со аутизам во нашето општество? Што ни недостасува?

Потребно е да се надминат стереотипите и предрасудите кон лицата со аутизам односно кон лицата со попреченост воопшто. Тоа е општествен проблем кој произлегува од нас возрасните и кој ние ненамерно им го пренесуваме на децата. Децата навистина се прифаќаат меѓусебно, бидејќи веќе растат заедно и понекогаш и не ја забележуваат попреченоста (кога се помали) и не им претставува проблем да играат, учат и живеат со детето со аутизам. Но како што растат и преминуваат во погорните одделенија, така се пројавуваат и проблемите. Потребна е голема емпатија и враќање на некои вредности кои, за жал, ги изгубивме, а со тоа го плаќаме данокот на ова модерно време. Секако, пред да се прават вакви драстични промени во образованието како тоталната инклузија,  треба да бидат консултирани стручни и компетентни лица за оваа проблематика.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: GETTY IMAGES, ПРИВАТНА АРХИВА

Викторија Ивановска Дамчевска, специјален едукатор и рехабилитатор: „Квалитетот на животот кај лицата со аутизам зависи од правилната поддршка“

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING