Почетна Економија Во Собранието првата координација, кон крајот на неделева нова пленарна седница за верификација на останатите два пратенички мандата

Во Собранието првата координација, кон крајот на неделева нова пленарна седница за верификација на останатите два пратенички мандата

од nenad
2 минути читај за

Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска ја одржа првата редовна координација во новиот собраниски состав, на која, главно, е дискутирано за конституирањето на комисиите, како и на неформалните работни тела во законодавниот дом.

Како што информираат од собраниската прес-служба, Гаши притоа информирал дека кон крајот на оваа работна недела треба да се одржи нова седница на Собранието, со цел верификација на останатите два мандата на пратеници, кои не беа верификувани на конститутивната седница на 28 мај годинава.

Државната изборна комисија, како што посочил Гаши, веќе има доставено извештај за овие два мандати, така што неделава треба да се закаже седница за нивно верификување, со што ќе се комплетира новиот собраниски состав.

Во однос на формирањето на комисиите, присутните ја разгледале можноста во наредните денови првично да се изберат претседателите и членовите на Законодавно правната комисија и на Комисијата за политички систем, со оглед на тоа што течат роковите за избор на новата Влада.

Потоа, како што наведуваат, во најбрз можен рок, политичките партии би требало да достават предлози за претседатели, членови и заменик-членови на сите други работни тела на Собранието, согласно бројот на мандатите освоени на изборите.

На координацијата, како што посочуваат од Собрание, покрај Гаши и генералната секретарка Цветанка Иванова, присуствувале претставници на сите партии, односно коалиции кои освоија пратенички мандати на неодамнешните парламентарни избори – Никола Мицевски од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Оливер Спасовски од коалицијата на СДСМ, Блерим Беџети од Европскиот фронт, Халил Снопче од ВЛЕН, Бобан Карапејовски од ЗНАМ и Борис Крмов од Левица.

фф/ац/Фото: Собрание на Република Северна Македонија .

Извор: МИА

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING