Table of Contents
Македонија секогаш ќе биде број еден на Балканот за Мози
По потекло е од Сомалија, роден е во Италија, пораснал во Норвешка, а сега целиот свет е негов дом! Сепак посебно место во неговото срце имаат балканските земји, особено Македонија, каде што вели дека се чувствува најубаво и најдобредојдено. Мустафа Ахмед, на Инстаграм познат како @travelsofmozzy, нè носи на автентична тура низ Балканот!
ОМИЛЕНИТЕ ЗЕМЈИ И ВКУСОВИ
Македонија секогаш ќе биде број еден на Балканот за Мози, поради љубовта што ја почувствувал уште од првиот ден и начинот на којшто го прифатиле луѓето.
„Никогаш немам доживеано никаков расизам тука. Мојата втора омилена земја е Босна и Херцеговина, повторно поради неверојатната култура и гостопримливиот народ. Освен тоа, храната е неверојатна!“
Мустафа се воодушевил од бурекот и ќебапите во Босна и Херцеговина, а вели дека Македонија го има најдобриот ајвар и највкусното тавче-гравче. Сепак, еден деликатес не му оставил баш најдобар впечаток.
„Најчудното нешто што сум го пробал е бозата во Македонија. Оваа напивка нема никаква смисла за моите непца!“
Патувачкиот инфлуенсер секогаш е позитивен и отворен за нови искуства, но отворено ни призна дека постои место на Балканот што не би го посетил повторно:
„Тоа би било Софија, Бугарија. Воопшто не се чувствував добредојден како црн Персиец и не ми беше лесно да запознам нови луѓе.“
Меѓу другото, нашиот соговорник ни сподели дека најскапите земји на Балканот се Хрватска и Словенија, додека најевтино поминал во Македонија.
НАЈСИЛНИТЕ ВПЕЧАТОЦИ
Секое лето, Мози прави тура низ Балканот за да ја посети секоја држава на овој полуостров, а најубави спомени има од патувањето во Црна Гора, кога поминал две ноќи во вила во Будва. Топло ги препорачува и следниве неколку дестинации:
Поврзани објави
Охрид – поради убавината на езерото и неговите пејзажи.
Сараево – поради историјата и богатата култура.
Приштина – поради ноќниот живот.
Белград – исто така поради ноќниот живот.
СОВЕТИ ОД ПРВА РАКА
За крај, Мустафа ни сподели неколку совети околу тоа што треба да имате предвид пред да посетите непозната земја, што да спакувате и како да се подготвите за подолго патување:
1. Патувајте со отворен ум.
2. Не земајте многу работи со себе и добро подгответе се доколку патувате со автомобил, бидејќи лесно можете да се изгубите додека возите.
3. Не одете исклучиво во главните градови. Искусете ги помалите гратчиња, бидејќи тие имаат повеќе култура и атмосфера. На пример, во Македонија задолжително препорачувам да одите во Берово и Струмица.
4. Во некои балкански земји можете да најдете сим-картички што можете да ги користите секаде низ Балканот.
Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА