Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентите на: Република Казахстан, Киргистанска Република, Република Таџикистан, Република Узбекистан и Туркменистан, оствари средба со казахстанскиот амбасадор, Садбалди Бурашов. Претседателот на Групата, Никола Коњановски, информира за традиционалното формирање ваква група за соработка со земјите од Кавказот, со што се покажува заинтересираноста за востановување и јакнење на меѓупарламентарната соработка.
Нашата Амбасада во Астана е отворена во 2014 година, а од друга страна, Бурашов е првиот резидентен амбасадор на Казахстан во Скопје, назначен на оваа функција годинава, и во таа насока му беше упатена честитка и посакан успешен мандат. Коњановски изрази задоволство што билатералните односи меѓу нашата земја и Казахстан се карактеризираат со пријателство, меѓусебно разбирање и заеднички интерес за натамошно проширување и продлабочување.
Иницијативите на Казахстан во меѓународните организации се поддржани, а соработката на мултилатерален план е особено изразена во рамките на ОН и ОБСЕ. Амбасадорот Бурашов изрази чест што е гостин во Собранието баш денеска, на Денот на Република Казахстан, и во тој контекст ја искористи можноста да ја запознае Групата со својата земја, која е независна од 1991 година, кога се оддели од Советскиот Сојуз.
Оттогаш, Казахстан е земја која динамично се развива во Централна Азија, а има изградено одлични стратешки партнерства и со соседите и со глобалниот свет. ЕУ е најголемиот партнер на Казахстан, но тука се и Русија и Кина. Казахстан е држава најголема во светот без излез на море и деветта според својата површина, која има богата историја и располага со многу ресурси, особено позната по извозот на нафта.
Покрај тоа што броиме исто години независност излезени од едни поранешни системи, двете земји се слични и како мултиетнички општества, со тоа што Казахстан брои 130 етнички малцинства.Соговорниците ги поздравија меѓусебните односи и потпишувањето значајни договори, но беа едногласни дека постои простор и огромен потенцијал за натамошно унапредување на соработката меѓу двата парламента и меѓу
двете држави на многу полиња, како економија, трговија, енергетика, бизнис, образование, здравство, култура… За зацврстување на пријателството, оставија отворена врата за меѓусебни посети за размена на идеи и искуства. Следната година ќе се заокружат 30 години од воспоставувањето билатерални односи со Казахстан, па Групата и амбасадорот се согласија да се одбележат на пригоден начин.
Петок, 25 октомври 2024