Почетна Технологија ВАЊА БИЛА БРУТАЛНО УБИЕНА, СО ВРЗАНИ РАЦЕ И НОЗЕ Што дознавме досега од судењата за свирепите убиства на Ѓорчевска и на Жежовски

ВАЊА БИЛА БРУТАЛНО УБИЕНА, СО ВРЗАНИ РАЦЕ И НОЗЕ Што дознавме досега од судењата за свирепите убиства на Ѓорчевска и на Жежовски

од nenad
6 минути читај за

Ќе се сослушаат уште 15 сведоци

Денеска, според распоредот што го најави судијата Ивица Стефановски на првото рочиште, се очекува да сведочат Зоран Аваз, Тодорче Георгиевски, Елвис Ибрахуми и Мирче Мицевски. На следното рочиште, кое е закажано во петок, на 15 ноември во 10 часот, се очекува да сведочат Маја Спироска, Ѓорги Џолев, Кире Тренчевски, Кристијан Плотников и Васко Стојков.

На последното рочиште кое е наменето за сослушување на сведоците, чиј термин допрва ќе биде закажан, ќе сведочат Иванка Ѓорческа, Оли Нешковиќ, Иво Нешковиќ, односно мајката, таткото и внукот на обвинетиот Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, како и Гоце Трајковски и Кираца Трајковска.

По завршувањето на сведочењата, ќе почне постапката за изведување на доказите. За грабнувањата и убиствата на Вања и Панче се обвинети четворица извршители – Љупчо Палевски Палчо како првообвинет, и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка.

Досега се одржаа четири рочишта. На првото рочиште обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска го презентираше обвинението, според кое обвинетите го грабнале Панче Жежовски на 22 ноември (среда) од неговиот дом во Велес и го убиле со пиштол во месноста Рудник, за да му го земат автомобилот цитроен.

Возилото им било потребно за да ја киднапираат Вања, со цел да изнудат пари за неа од семејството. Вања ја киднапирале на 27 ноември (понеделник) наутро во влезот на нејзината зграда во Скопје и наместо да бараат откуп од семејството, ја убиле после неколку часа, во месноста Бразда. Девојчето било изложено на силно страдање, а животот ѝ завршил на брутален начин, со истрел во главата, додека рацете и нозете ѝ биле врзани. Сите обвинети за овие сурови злосторства се изјаснија дека се невини.

Обвинетиот Кешишев им открил сè на полицајците

Но, сведочењата на полициските инспектори Музафер Каришиќ, Дејан Димовски и Ристе Самарџиев кои ја водеа истрагата во Скопје и во Велес изнесоа поинакви факти. Полицајците Каришиќ и Димовски сведочеа дека нивната истрага ги одвела до Влатко Кешишев во седиштето на партијата Десна, откако го поврзале движењето на украдениот „цитроен“ на Панче со возилото „рено кангу“, кое го користела партијата.

На 2 декември тој бил приведен, а по неколкучасовно убедување и премислување, самиот Кешишев одлучил да ги поведе полицајците кон Бразда. Полицајците тргнале со две возила и мислеле дека Кешишев ќе ги однесе до местото каде што е закопан Панче Жежовски, но се шокирале кога тој им рекол дека на местото што им го покажува ќе го најдат телото на девојчето кое го бараат со денови.

Кешишев им рекол и дека и во Вања и во Панче пукал Палчо, а дека со нив биле и велешаните Велибор Манев и Боре Видевски. Полицаецот Самарџиев раскажа дека откако колегите од Скопје им укажале во Велес да го бараат лицето Велибор Манев, веднаш го привеле, а тој паднал во несвест кога ги видел пред врата.

Манев ги однел велешките полицајци до местото каде бил закопан Панче, чие тело едвај го откопале, како и дека во старецот пукал Палчо. Скопските инспектори истакнаа и дека за време на еднонеделната потрага по Вања нејзиниот татко Александар се однесувал сомнително и чудно, односно, постојано велел дека Вања е киднапирана и убиена.

Откако се откри дека неговите зборови се вистина, и тој стана осомничен како помагач во киднапирањето. Според обвинението, тој му кажал на Палчо дека неговата ќерка Вања во понеделникот наутро ќе оди сама на училиште, а не со помалата сестра.

Допрва ќе се расветлува улогата на таткото Александар

На второто рочиште сведочеа Зорица Ѓорчевска, мајка на Вања, како и Ана Киркова и Тодор Кирков, ќерка и зет на Панче. Тие раскажуваа за деновите во кои трагале по нивните најмили. Зорица Ѓорчевска откри дека неодамна продала еден стан кој ѝ бил наследство, дел од парите ги потрошила, а околу 30.000 евра ги орочила во банка.

Тодор Кирков, пак, откри дека убиениот Панче и обвинетиот Велибор Манев имале долгогодишен спор околу долг од 500 евра. Манев на Жежовски му редел патека од бекатон во дворот, а Жежовски не му доплатил затоа што не му се допаднало како е завршена работата, па Манев го искршил бекатонот.

Во сведочењата на инспекторите и на Зорица Ѓорчевска често се споменуваше и името на Гоце Трајковски, како близок на Александар кој му помагал со обезбедување на снимки од разни надзорни камери. Со помош на тие снимки Александар водел сопствена истрага за тоа каде е Вања.

Трајковски му обезбедил снимка и од бензинска пумпа од Велес на која се гледаат Панче Жежовски и Боре Видевски во цитроенот, и тоа во деновите кога двете убиства воопшто не беа поврзани од истрагата. Трајковски е на листата на сведоци.

Што пишува во обвинението?

Според обвинението, кое беше прочитано на првото рочиште, секој од обвинетите имал своја улога во злосторствата со детално однапред планирани дејства. „Таткото помогнал со информации кога Вања оди на школо. Обвинетите се познавале меѓу себе и сковале план за грабнување со цел да присилат член на семејството да даде откуп.

Знаеле дека секој петок Вања оди од прв час на школо, а помалата сестра Миња од втор час. Во петокот се обиделе да ја грабнат, но не успеале во планот, зашто имало гужва. Во неделата знаеле дека во понеделникот на 27 ноември Вања ќе оди сама на првиот час, што било исклучок.

Со штрафцигер ја отвориле вратата од влезот на зградата, влегле внатре, застанале кај сутеренот кој води кон подрумите, го чекале детето, па кога излегла од лифтот, Боре Видевски ја фатил за половината и за устата, обвинетиот Велибор Манев ја држел за нозете. Ја однеле до сутеренот каде Велибор ѝ ставил селотејп лента на устата.

Боре Видевски ѝ се заканил да не вика инаку ќе пукаат, ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент ја свртиле на стомак и додека Боре Видевски ѝ ги држел рацете, Велибор ѝ ставил пластични стеги на рацете и на нозете и откако ја затвориле вреќата, Велибор ѝ ги врзал нозете со селотејп преку вреќата“, се вели во обвинението.

Откако ѝ се закниле по втор пат Видевски со помош на Манев ја ставил преку рамо и ја однеле во „цитроенот“ во гепекот. Велибор возел, Влатко бил совозач, а Боре седел на задното седиште. Според обвинението, Велибор претходно го зел телефонот „ајфон 8“ на Вања, а Боре додека се возеле со чеканче го скршил за да нема сигнал.

Според инструкциите на Палевски, тргнале кон Качанички пат, до надвозникот на село Визбегово каде се сретнале со Палчо. Тој ги чекал со „рено канго“ ,и двете возила се упатиле кон селото Бразди, кај местото Дупки. „Откако застанале таму Палчо, Велибор, Боре и Влатко околу 9.30 часот со умисла го лишиле од живот малолетното девојче.

Изложувајќи ја на тешко психичко страдање со силен интензитет, во врзана состојба и онеспособена за отпор ѝ било предочено дека ќе биде убиена така што по налог на обвинетиот Љупчо Палевски обвинетиот Велибор Маневски го извадил оштетеното дете од гепекот по што обвинетите ја доближиле и ја ставиле во претходно ископана дупка од нивна страна со димензии од околу 180 см должина, 85 см ширина и 60 см длабочина каде обвинетиот Љупчо Палевски со огнено

оружје калибар 9мм преку перниче кое го пронашол во близина, испукал еден куршум во пределот на главата на оштетеното дете нанесувајќи ѝ огнострелна повреда на мозокот. По ова настапила смрт, па откако обвинетиот Палевски ја извадил вреќата за спиење обвинетите го закопале телото во дупка“, се наведува во обвинението за едно од најголемите злосторства во Македонија, кое го потресе целиот регион.

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING