Почетна Македонија БОМБА НА ФОКУС: Потпретседателот на СДСМ, Фатмир Битиќи, ќе премине во ВЛЕН

БОМБА НА ФОКУС: Потпретседателот на СДСМ, Фатмир Битиќи, ќе премине во ВЛЕН

од nenad
3 минути читај за

Се уште актуелниот вицепремиер за економија, Фатмир Битиќи, кој најави оставка од позицијата потпретседател на СДСМ по дебаклот на претседателските и парламентарните избори, ќе стане дел од ВЛЕН, дознава „Фокус“.Според неофицијални информации, Битиќи нема да ги одмине внатрепартиските дебати и разврски во СДСМ по изборниот пораз, откако партискиот лидер Димитар Ковачевски најави внатрешни избори на сите нивоа.

   

Иако внатрепартиските избори практично значат дека цело раководство е во оставка, сепак Ковачевски не поднесе оставка на јасен и недвосмислен начин. Сепак, тоа го направија дел од членовите на најтесното раководство, меѓу кои прв беше Битиќи.„Во целата моја политичка кариера барам лична одговорност од сите чинители и овој акт е токму тоа. А оставката на раководството е неопходен чекор кон враќање на довербата на граѓаните и трасирање на патот кон иден политички успех“, напиша Битиќи.

Според него, неговиот чин претставувал апел дека оставката не претставува политички акт на пораз на социјалдемократската идеја, туку порака и предизвик за подобрување и преиспитување на СДСМ.„Прифаќањето на политичка одговорност нема да биде знак на слабост, туку израз на лична и партиска демократска зрелост, како и подготвеност да се промениме и да растеме – и ставаме приоритет на колективниот интерес пред личните амбиции“, напиша Битиќи.

Инаку, Битиќи беше на врвот на пратеничката листа на СДСМ во втората изборна единица веднаш после Оливер Спасовски и стана дел од новиот парламентарен состав, меѓутоа во пакет со оставката од партиската функција не поднесе оставка и од пратеничката функција.

Според нашите добро упатени соговорници, откако ќе завршат внатрепартиските процеси во СДСМ, кои се очекува да минат во тензична атмосфера, Битиќи прво ќе делува како независен и самостоен пратеник во Собранието.Меѓутоа, дознаваме дека тој ќе биде на линија со ВЛЕН, а првиот сигнал за нивната меѓусебна соработка или координација ќе биде поддршката на Битиќи на закони за кои е потребно т.н. двојно или Бадентерово мнозинство.

Како што е познато, ВЛЕН е на добар пат да формира влада со ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа најмногу пратеници од редовите на „помалите“ етнички заедници има Европскиот фронт на ДУИ, па улогата на Битиќи, но и на други претставници на „помалите“ заедници од листите на СДСМ ќе биде исклучително битна.Но, во следна фаза Битиќи треба и формално да стане дел од ВЛЕН, со тоа што, според нашите информации, се уште неизвесно е дали ќе биде дел од некоја од партиите што се дел од коалицијата или од новиот субјект што може да се формира, за што постојат дискусии и размислувања.

Доколку лидерите на ВЛЕН одлучат да делуваат во сегашната форма, тогаш Битиќи ќе биде дел од Демократското движење на Изет Меџити, кој се споменува како иден министер за политички систем.Доколку, пак, Меџити, Арбен Таравари, Биљал Касами и Африм Гаши одлучат да формираат нов политички субјект каде сите ќе бидат на купче, со цел да го задржат и засилат брендот ВЛЕН, Битиќи ќе биде дел и од овој субјект, но на поинаква позиција.Се обидовме да добиеме одговор од Битиќи како постизборно ќе делува во парламентот и дали е точно дека ќе направи трансфер во ВЛЕН, но досега тоа не се случи.

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING