Table of Contents
Нашиот познат музичар ни одговори на прашањето што го прави среќен
Сите негови песни се хитови, младите ги пеат од збор до збор, а клубовите редовно ги вклучуваат на својот репертоар. Иако верува дека не постои единствен рецепт за успех, Јанг Дади (Young Dadi) признава дека најголема инспирација има кога е одморен и кога е полн со позитивна енергија.
Давид Даниловски, попознат како Јанг Дади, за само неколку години успеа да изгради имиџ на уникатен и препознатлив артист на нашата музичка сцена, кој не се плаши да експериментира и да твори надвор од удобната зона. Самиот тој е автор на речиси сите негови песни, кои претежно ги отсликуваат денешните машко-женски релации. Јанг Дади ни призна дека голем дел од приказните во неговите текстови се автобиографски:
„Секогаш гледам текстовите да бидат реални, бидејќи сметам дека така слушателите најмногу можат да се поврзат со песните. Повеќето од нив се инспирирани од мојот приватен живот, но неретко црпам инспирација и од околината“.
Инспирацијата е неизоставен дел од креативниот процес, но на секој артист понекогаш му се случува да доживее блокада:
„Тоа е најдепресивниот период што може да му се случи на еден музичар. Најтешко е кога ќе извадиш добра песна и ѝ ги креваш очекувањата на публиката, а со тоа си создаваш притисок и самиот на себе, бидејќи сакаш да направиш нешто уште подобро. Но така можеш да си направиш само поголема блокада. По неколку години на сценава, сфатив дека одморот, дружбата и новите искуства се главните двигатели на инспирацијата.“
Кога сето тоа ќе се надополни со висок професионализам и квалитетна креативна енергија, успехот е неизбежен. Пример за тоа е неговата колаборација со Тамара Тодевска, со наслов „Его“:
„Соработката се случи многу спонтано. Ми заѕвони Роберт Билбилов на Фејстајм и ме викна веднаш кај него во студио, бидејќи имале многу добра идеја со Тамара. И двајцата се големи професионалци и песната ја завршивме многу брзо и квалитетно, баш како што сакам да работа. Постоеше некоја хемија меѓу сите тројца и сè одеше некако лесно и природно.“
Музиката несомнено исполнува најголем дел од неговото време, а малкумина знаат дека Јанг Дади е еден од основачите на брендот WHY2K, бренд кој носи нова свежина на македонската клупска и фестивалска сцена и чија цел е промовирањето македонска музика насекаде низ регионот. Кога не работи, му останува малку време, па тоа го користи за некое ладно кафе или убав „дејт“. Себеси се опишува како човек кој секогаш цели многу високо:
„Тоа чувство е како дрога, секогаш си гладен за повеќе. Доколку продолжам вака, сигурно ќе стигнам таму каде што целам.“
Поврзани објави
Разговорот со нашиот музички артист го заокруживме со негова филмска препорака:
„Последно го гледав филмот ‘Ова завршува со нас’, сосема случајно, без да ја знам приказната. Испраќа многу добра поука и препорачувам сите да го гледаат.“
А ние ви препорачуваме да ја слушнете најновата песна на Јанг Дади „ТУ ТУ ТУ“ која за помалку од еден ден предизвика низа позитивни реакции на социјалните мрежи…
Во продолжение дознајте и кои три нешта го прават нашиот музичар најсреќен и најисполнет.
ЈАНГ ДАДИ НЕ МОЖЕ БЕЗ:
Дружба со најблиските
Музика
Добра храна
Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: ГЕНЦ ХАЛИМИ, mediaphotos/dissx/Elio Ruscetta/iStock via GETTY IMAGES