Почетна Економија Биди умерен во победата и грациозен во поразот

Биди умерен во победата и грациозен во поразот

од nenad
3 минути читај за

Биди умерен во победата и грациозен во поразот, гласи една стара поговорка.Немаше потреба од такви страшни зборови од страна на новиот премиер Мицковски упатени кон опозицијата и кон сите оние кои ја поддржуваа нивната политика кон Грција. Демократијата значи право на несогласување, па оттаму потребата од внимание до каде ќе се оди во со инсистирање на своето мислење и непочитување на туѓото. На компромисите кои ги направи нашата држава гледам како на успеси на надворешната политика на Македонија во реалниот свет на светската политика. Голем дел од Македонците го мислат спротивното а партијата која ги изразува нивните чувства однесе убедлива победа на изборите.Спротивното, малцинско мислење, останува и нивните носители не би смеело да се проколнуваат за злодело.

   

Преспанскиот договор не е, како што сум напишал во повеќе наврати, само дело на двата политичари Заев и Ципрас и на нивните партии туку и на битката за моќ и влијание меѓу големите сили, Америка и Русија. Во моментот кога заврши униполарниот момент обележан со една единствена суперсила, Америка, и кога се појави ривалска сила на Балканот, Русија, се наложи и решавањето на грчко-македонскиот спор околу името. Проектирањето на тој интерес на Америка како предводник на западниот свет, влијаеше еден билатерален спор да стане безбедносно прашање за САД и за ЕУ визави руската опасност. Изјавите на американските политичари од тоа време, дека Македонија е на првата борбена линија на таа нова конфронтација на големите сили беа јасна назнака дека ќе следи американски ангажман за решавање на спорот .

По некоја игра на случајност, ова го дознав од прва рака, во еден подол разговор со американскиот амбасадор во нашата земја, Џес Бејли. Влегувате во НАТО ми вели месеци пред да почнат интензивните преговори меѓу претставниците на двате соседни држави. Со долго искуство од грчката непопустливост, прво што изустив беше – „А, Грција?“. Амбасадорот ми рече дека и тоа ќе се реши зашто спорот за името станува „безбедносно прашање“(a security issue) за Америка. Со тоа на ум, внимателно го следев текот на настаните и забележав идентично силен ангажман на амбасадорите на Америка во Скопје и во Атина. Резултатот на тој притисок, членство во НАТО, нешто за што не можевме ни да сонуваме во 1991, не внесе под безбедносниот чадор на Америка, до денес, најпосакуваниот начин една држава да го реши својот основен проблем – безбедноста.
Маклумина обрнаа внимание на овие драматични маневри на големите сили за моќ и влијание во светската политика и за промоција на своите демократски или автократски вредности.Светлата на позорницата беа вперени кон актерите на оваа претстава, премиерите и министрите за надворешни работи кои беа нарекувани херои од едни и предавници од други.

Вистинската приказна може да ја кажат само оние кои професионално ја следат меѓународната политика. Ако ја разбереме големата игра во светската политика, ќе ни стане јасно дека Бајден го брани Преспанскиот договор со извршни наредби зашто е и во американски интерес. Оттаму,и големата дилема на македонската надворешна политика денес: дали ќе се усогласува со тој интерес или ќе оди против него. По правило, државата која е под безбедносниот чадор на Америка, била голема или мала, го усогласува својот интерес со оној на големата сила.

Денко Малески

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING