Почетна Убавина и здравје Безвременската икона Грејс Џонс блесна на стадионот на АРМ во Скопје

Безвременската икона Грејс Џонс блесна на стадионот на АРМ во Скопје

од nenad
2 минути читај за

Македонската публика имаше привилегија да ја посведочи нејзината уникатна енергија во рамките на Skopje Calling, благодарение на Авалон продукција

Музичката и модна икона Грејс Џонс неодамна го прослави својот 76 роденден, но и покрај годините во кои многумина би уживале во заслужената пензија, екстравагантната уметница сè уште може да се види на модните писти, магазини, па дури и на сцената. Таа е позната по енергичните настапи и вистинските сценски спектакли уште од нејзините модни денови во 1970-тите години, кога го привлече вниманието со својот андроген изглед, избричената глава, истакнатите јаболчни коски и посебното чувство за мода.

И македонската публика имаше привилегија да ја посведочи нејзината уникатна енергија во рамките на Skopje Calling, благодарение на Авалон продукција. Грејс Џонс блесна на стадионот на АРМ на 6. јули и приреди незаборавно шоу.

Концертот започна со Nightclubbing и со драматичен влез на безвременската икона, која се спушти на кран од 5 метри височина, облечена во црно-бела тоалета долга до подот и со впечатлива маска на главата. Грејс веднаш потоа ја почести публиката со нејзината најнова фанки песна The Key, која допрва треба да биде снимена.

Пејачката продолжи со своите најголеми хитови од речиси петдецениската кариера, како Demolition Man, Amazing Grace, My Jamaican Guy – за секој од нив облечена во нов, специфичен костим. Сепак, кулминација на вечерта беше изведбата на добро познатата Pull Up to the Bumper, за којашто Грејс Џонс се симна од сцената и ја поздрави македонската публика одблизу.

Поврзани објави

Јаготката на шлагот беше Slave to the Rhythm, која Џонс ја изведе вртејќи хулахоп цели 12 минути, со што уште еднаш докажа дека годините ништо не ѝ можат.

Шоуто го затвори со акапела верзија на нејзиниот прв хит La Vie en Rose, по што присутните уште некое време останаа на стадионот, сè уште под импресии од тоа што го доживеаја вечерта.

Грејс Џонс одржа вистинска лекција за тоа што значи да се биде уметник во секоја смисла на зборот и несомнено е дека ќе остане запаметена онака како што има изјавено дека посакува да биде запаметена: „Запомнете ме како цела текила, онаа што доаѓа со црвот и со сè“.

ФОТО: ГОРАН ДЕСКОВСКИ

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING