Во организација на Комисијата за здравство, во Собранието се одбележа месецот за подигнување на свесноста за ракот на дојката. Воведно обраќање имаше претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој изрази задоволство што и законодавниот дом е вклучен во подигнување на свеста за следење и спречување на оваa болест, која треба да се одвива во две насоки: првата – преку овој настан да се упати повик до сите жени да вршат редовни мамографски прегледи за да можат навреме да реагираат; а втората – да се види дали нашиот здравствен систем е подготвен за третирање на овој проблем.
Гаши посочи дека 10 % од женската популација во светот е опфатена од овој тип на карцином, а околу 20 % од нив умираат од оваа болест, со што оваа болест станува втора по бројот на причинителите за смрт кај жените. Единствената можност за успех во лекувањето е само раното откривање на карциномот.
Исто така, многу битни се добрите здравствени политики и затоа подигнувањето на свеста за оваа болест треба да биде во сооднос со континуираната едукација на радиолошки технолози и радиолози, со континуираното следење и имплементирање на позитивни светски искуства, кои имаат долгогодишна
традиција на спроведување на скрининг за рано откривање на ракот на дојка, со организирање кампањи за подигање на свеста кај општата популација за скрининг на рак на дојка, но и со зголемување на финансиските средства за акции кои опфаќаат рано откривање на рак на дојка.
Во воведниот говор, претседателката на Комисијата за здравство, Рашела Мизрахи, истакна дека најдобрата терапија за ракот е превенцијата, а превенција е рана детекција. Со оглед на фактот што сѐ друго е побитно во светот на жената, освен таа самата, Мизрахи упати апел до жените повеќе да се посветат на себеси, затоа што само здрава жена може да одгледа здраво семејство.
Заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, потенцираше дека раната детекција и превенција се најсилните алатки во борбата со оваа распространета болест. Ја истакна потребата од подобра и посилна заштита, од создавањето систем за заштита на жената денес за да се осигура идната генерација.
Советникот за здравство, д-р Игор Николов, апелираше на заедничка борба за трансформација на грижата на пациентите болни од канцер, меѓу другото и нивна психолошка поддршка, инфраструктурно подобрување, олеснет пристап до современа терапија.
Претставнички на СЗО, UNFPA, Здруженијата Фемина М и Езра, универзитетски професори и доктори, имаа можност да зборуваат за глобалните и регионалните трендови и насоките за превенција и рана детекција на ракот на дојки; за поврзаноста на ракот на дојки и репродуктивното здравје и стратегиите за вклучување
на заедницата; за учеството на граѓанските здруженија во подигнување на свесноста и креирање на здравствените политики за рана превенција и детекција на рак на дојка; за предизвиците со кои се соочуваат пациентите со рак на дојка во здравствениот систем и како до реални промени и подобри исходи.
Во плодна дебата, учесничките, со професионални и лични искуства, упатија повици за акција, креирање најдобри практики, навремени и одржливи решенија. Можеме и мораме да направиме повеќе! Со здружени напори и меѓусебна соработка до подобар здравствен систем! За таа цел, беше посочена потребата од вложување во превентивата, здравствената едукација на жените, поддршка на пациентите, скрининг програми, обезбедување термини и регистар за скрининг, поголем здравствен персонал, зголемен буџет.
Стапката на рак на дојка е поразителна, води до огромна загуба на животи, а најголем процент е поради недостиг на дијагностика. Тоа е најчест тип на рак не само во нашата земја, туки и во светот. Карциномот е болест на целото семејство! Тој е емотивна, животна и финансиска битка која бара целосна посветеност.
Розевиот месец октомври е само еден месец во целогодишната борба со ракот на дојката, но претставува можност да се истакне значењето на раното дијагностицирање на оваа подмолна болест. Затоа, Комисијата за здравство ќе вложи напори проблемите на пациентите да се решат во овој дом на граѓаните.
Понеделник, 28 октомври 2024