Американските разузнавачки служби ги предупредија компаниите од одбранбениот сектор во САД да ги зајакнат мерките за безбедност поради зачестените саботажи во Европа, за кои некои земји ја обвинуваат Русија.
Во јавен билтен на Националниот центар за контраразузнавање и безбедност се советуваат одбранбените компании, особено оние што ја поддржуваат Украина, да бидат подготвени на зголемена агресија од страна на Русија.
„Саботажите можат да предизвикаат страв, нарушување на инфраструктурата, економски загуби или дури и жртви“, стои во предупредувањето.
Американските и европските разузнавачки служби велат дека Русија извршила неколку саботажи врз европски компании, логистички објекти и воени бази.
Се наведува дека руската разузнавачка служба користи локални криминалци за подметнување пожари во Британија и Полска.
Претходно овој месец, официјални лица ја обвинија Русија за обиди да прошверцува запалливи уреди во товарни авиони насочени кон Северна Америка.
Во два случаи, уреди се запалија во Германија и Англија. Русија ги негира обвинувањата. ссм/фото: архива .
Извор: МИА