Водата за пиење во Струмица веќе неколку дена е тема на дебати и препукувања како меѓу граѓаните, така и меѓу политичарите. На темата денеска повторно се јави градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој вели еве нов предлог, кој доколку го испочитуваат политичките неистомисленици, ќе понуди оставка од градоначалничката позиција.
– Вчера дадов предлог, дали доколку се исплати долгот за кој директорите тврдат дека е проблем, АД водостопанство ќе почне веднаш да испорачува почиста техничка вода за Струмица и ќе ги даваат сите потребни услуги како чистењето на речните корита за да спречиме поплави во Струмица, нормално со обезбедени писмени гаранции.
Очекував денеска советниците од ВМРО-ДПМНЕ, функционерите од ЗНАМ да разговараат и да прифатат или одбијат предлог. До сега никој ништо не направи во однос на предлогот. Наместо тоа, тие побараа оставка од мене! – пишува Костадинов на социјалните мрежи. Потоа продолжува „ова почитувани граѓани ја разоткрива саботажата кои заедно со ЗНАМ ја спремале за жал свесно или несвесно помогнати и од член на мојата партија, активен директор во ВОДОСТОПАНСТВО“.
По што следуваше неговиот нов предлог за надминување на проблемот со питката вода во Струмица.
– Ако заради политички поени, ја држите Струмица во заложништво, ни пуштате кал, намерно не ги чистите речните корита за да се поплавуваме, дадете писмени гаранции дека веднаш ќе испорачувате чиста вода од Турија, ќе инвестирате во брана Турија, ќе чистите речни корита кои се ваша надлежност, ја имате мојата оставка. Се надевам дека овој предлог ако малку имате човечност ќе го прифатите. Не ја држете Струмица во заложништво! Ако Костадинов е проблемот, еве да ви помогнам. Вие сте на потег – напиша Костадинов на Фејсбук.